Тој додаде дека за тоа кој од покритичните пациенти каде ќе биде транспортиран, оставил на екипа анестезиолози да одреди каде смета дека би било најдобро пациентите да се упатат за натамошен третман

Дваесеттина најтешко повредени пациенти од пожарот во дискотека во Штип ќе бидат пренесени на лекување во странство, изјави денеска министерот за здравство Арбер Таравари по посетата на Клиничката болница во Штип.
Според него, неколку пациенти на лекување ќе бидат транспортирани во Бугарија, Турција, Грција и Белград, а третман понудиле и од Албанија и Холандија.
„Според нашите анестезиолози, 18 до 20 пациенти ќе има потреба да ги транспортираме надвор од државата за понатамошно лекување за тие што се покритични“,
рече министерот.
Тој додаде дека за тоа кој од покритичните пациенти каде ќе биде транспортиран, оставил на екипа анестезиолози да одреди каде смета дека би било најдобро пациентите да се упатат за натамошен третман.
Болниците, според Таравари, располагаат со медицински материјали, средства и лекови и на пациентите им се дава се што е потребно, а располагаат и со доволни количини крвни деривати.
Во штипската болница биле хоспитализирани 39 деца кои, како што кажа Таравари, се во релативно добра состојба. Генерално, биле со изгореници, но имало и со скршеници.
„Доколку има потреба да се пренесуваат до Клинички центар – Скопје, ќе интервенираме“,
рече министерот.
Во Болницата во Кочани биле хоспитализирани 30 пациенти, во хируршките клиники во Клинички центар во Скопје се 31, во Градска хирургија 28 и во „8 Септември“ има 24 хоспитализирани. Повеќето од хоспитализираните, посочи, се многу млади.