Премиерот ги повика сите надлежни институции да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на засегнатите семејства и најави дека Владата ќе направи сè што е во нејзина можност за справување со последиците и утврдување на причините за несреќата
Премиерот Христијан Мицкоски утринава на Фејсбук се огласи во врска со несреќата во дискотеката во Кочани во која во пожар загинаа најмалку 50 лица, а стотина се повредени. Изрази сочувство до семејствата на загинатите, посакувајќи им сила за да ја издржат незамисливата загуба, а на повредените им посака брзо закрепнување.

„Со длабока тага ја примив веста за страшната трагедија во Кочани. Ова е тежок и многу тажен ден за Македонија! Загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, на најблиските и пријателите е неизмерна. Во овие моменти на длабока тага, нашите мисли се со оние што ги загубија своите сакани. Во овие времиња на длабока тага, кога нашите срца се скршени од болка поради оваа ужасна трагедија, повикувам на заедништво, сплотеност, хуманост и одговорност“,
пишува Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Премиерот ги повика сите надлежни институции – здравствените служби, полицијата, локалните власти – да преземат итни мерки за помош на повредените и поддршка на засегнатите семејства и најави дека Владата ќе направи сè што е во нејзина можност за справување со последиците и утврдување на причините за несреќата.
Мицкоски најави дека во текот на денот ќе ѝ се обрати на јавноста со повеќе информации за преземените чекори откако надлежните институции ќе ги согледаат околностите за несреќата.
„Бог да биде со семејствата на жртвите и повредените и со народот на Македонија!“,
заклучува Мицкоски во објавата.