Една мајка, целата во солзи, на репортерката на „360 степени“ и кажа дека нејзиниот 22 годишен син е примен во болницата, но дека нема повеќе информации за неговата состојба
Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје досега се донесени 18 повредени од страотниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, јавува нашиот репортер од терен.
Според првичните и неофицијални информации, пациентите се со тешки изгореници, но директорот на болницата порача да не се шпекулира со нивната здравствена состојба.
Една мајка, целата во солзи, на репортерката на „360 степени“ и кажа дека нејзиниот 22 годишен син е примен во болницата.
„Само што стигнавме и се уште немаме информација за неговата состојба“,
рече таа.

Пред влезот на болницата има повеќе роднини и пријатели на повредени кои во неизвесност чекаат да слушнат дали се тука примени нивните најблиски.
Според првичните информации, меѓу примените пациенти во „8 Септември“ нема починати. Меѓу повредените има малолетници.
Во старата градска болница „Свети Наум Охридски“ во Скопје, пак, според првичните информации од нашиот репотер од терен, примени се 29 лица најчесто со изгореници по телото, најмногу на глава, раце, лице, горни екстремитети. Најголем број од пациентите се малолетни.
Според инфомации од болницата, засега се стабилни и сите се идентификувани.
Во болницата „Свети Наум Охридски“ дојде и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.