Здравствените работници не можат сами, порачува министерот Филипче и вели дека и оние кои се придржуваат до мерките можат да бидат изложени на ризик заради оние кои не ги почитуваат
Министерот за здравство Венко Филипче реагира на изјавата на реисот Сулејман Реџепи, кој вчера по групните молитви во џамиите за Рамазан Бајрам во изјава за медиумите го прогласи вирусот за „умрен“.
„Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го игнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките“,
стои во фејсбук објавата на министерот Филипче.
За министерот Филипче загрижувачки се вчерашните верски собири за Рамазан Бајрам во џамиите, како и за чествувањето на денот на сесловенските просветители Св Кирил и Методиј по црквите.
„И покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи. Го почитувам празнувањето и силно верувам дека тоа се значајни настани за сите нас, независно на која вера припаѓаме. Но, оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставајаќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред се и над се“,
пишува Филипче.
Министерот вели дека граѓаните кои се придржуваат до мерките, за жал, и понатаму можат да бидат изложени на ризик поради оние коишто тоа не го прават.
