Возачот на возилото марка „фиат“ по укажаната медицинска помош е приведен, а според полицијата, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по брза постапка
Почина мотоциклистот, еден од учесниците во сообраќајната несреќа што вчеравечер се случи на улицата „Ацо Шопов“ во скопско Влае, во близина на бензинската станица на „Лукоил“, соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Возачот на возилото марка „фиат“ по укажаната медицинска помош е приведен, а според полицијата, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по брза постапка.
„Во сообраќајката со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот А. Ј. (34) од Скопје, констатирани во Градската општа болница ‘8 Септември‘, по што веднаш е пренесен на Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза‘ во Скопје, каде подоцна починал“,
пишува во полицискиот билтен.
По насоки на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција.
Во синоќешната сообраќајка учествуваше патничко возило „фиат“, управувано од Б. Р. (25) од селото Буковиќ, патничко возило „пежо“, управувано од С. А. (52) од Скопје и мотоцикл „сузуки“, управуван од А. Ј. (35) од Скопје.
„Возачот на другото возило, Б. Р., се здобил со телесни повреди, констатирани во Градската општа болница ‘Свети Наум Охридски‘ во Скопје, а по укажаната помош, во 1 часот по полноќ на подрачјето на Центар е лишен од слобода и по целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по брза постапка“,
велат од МВР.
На местото на сообраќајката е извршен увид од надлежен обвинител од ОЈО Скопје и увидна екипа од СВР Скопје.