Само во јуни 2018 година, ЈСП „Скопје“ со компанија од Пласница склучува договор за набавка на дизел-гориво вреден над 15 милиони евра. Во октомври 2020 година „Пуцко петрол“ повторно добива работа од ЈСП, и тоа во вредност од над 13 милиони евра
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) треба да се врати во времето кога нивен градоначалник на Град Скопје беше Петре Шилегов, велат денеска од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, давајќи ретроспектива на договорите на „Пуцко петрол“.

„По доаѓањето на функцијата кон крајот на 2017 година, веќе во 2018 година почнува да работи на зголемување на имотната маса на ‘Пуцко петрол‘. Само во јуни 2018 година, ЈСП ‘Скопје‘ со компанија од Пласница склучува договор за набавка на дизел гориво вреден над 15 милиони евра. Во октомври 2020 година ‘Пуцко петрол‘ повторно добива работа од ЈСП, и тоа во вредност од над 13 милиони евра“,
велат од владејачката партија.
Во 2018 година, „Пуцко петрол“ го има најголемиот тендер за набавка на деривати од ЈСП „Скопје“ вреден повеќе од 13 милиони евра.
„За 2018 година ‘Пуцко петрол‘ слободно може да се нарече и почестен снабдувач со горива на ЈП ‘Комунална хигиена‘ Скопје со кое во декември склучува договор вреден 1,2 милиони евра. Истата фирма била омилен снабдувач на ова јавно претпријатие и во 2019 година, а во ноември склучиле договор од околу 1,7 евра, а исто така и во 2021 година со договор од околу 1,2 милиони евра, склучен во октомври“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова, според партијата, е само еден мал дел од тендерите кои СДСМ и ДУИ ги давале на омилената „Пуцко патрол“.
„СДСМ кога брои, нека брои точно и нека погледне во својот двор, односно дадени тендери на омилената форма од Пласница“,
пишуваат од партијата.
СДСМ вчера преку соопштение ги повикаа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да молчат и да не ги спомнуваат за што било поврзано со „Пуцко петрол“ и Ратко Капушевски.
Според СДСМ, изминатите девет месеци општини и институции раководени од ВМРО-ДПМНЕ со компанијата „Пуцко петрол“ склучиле 170 тендери.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако претходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека СДСМ и ДУИ „обединети со нивните послушници во правосудството, ги штитат криминалците и мазут-мафијата којашто го труела народот за време на енергетска криза“.
Случајот со сомнителни набавки на мазут се актуализира на почетокот на неделата кога во акција координирана од Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на повеќе локации се вршеа претреси во врска со кривични дела за сомнителни набавки на деривати.
Во акцијата беа приведени 11 лица, а од МВР рекоа дека едно лице е недостапно за органите на прогонот и едно е во притвор.
Дел од приведените беа и Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенти и нафтени деривати, и Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“.