Прашан дали судиите од Судскиот совет, на кои им беше изгласана недоверба ќе продолжат да земаат плата, Мицкоски даде потврден одговор велејќи дека така ќе биде сè додека не заминат од функцијата, што е, како што рече, уште една причина за револтот кај граѓаните

Премиерот Христијан Мицкоски не смета дека е преседан неговата најава за протести доколку членовите на Судскиот совет не постапат соодветно одлуката на парламентарците кои им изгласаа недоверба и се инаетат.
Тој смета дека со вчерашната изјава што ја даде, а ја повтори и денеска, дека може да се случи народ, не се врши упад во независноста на правосудството и додаде дека како претседател на Владата негова должност е да предупредува на последиците од однесувањето на членовите на Советот.
„Тоа е моја должност. Да не биде после дека не сум кажал. Затоа што ако нè фатат во спиење и ни се случи народ, тогаш се плашам дека ќе има последици. Како во минатото се сеќавате имаше и други претседатели на Влада, коишто буквално ги користеа заканите за да партизираат во судството. Ќе ве потсетам, крајно дрска и разочарувачка е одлуката на Советот за вршител на должноста претседател на Врховниот суд да постави човек којшто доаѓа буквално од кожената фотелја од салонот во Речица. Како тоа да не го иритира народот. Нормално дека народот ќе биде иритиран. Јас само пренесувам тоа што слушам и само сум должен да предупредам, да не биде потоа не сме знаеле, не сме кажале“,
рече Мицкоски денеска во одговор на новинарско прашање при неговата посета на Општина Ѓорче Петров.
Прашан дали судиите од Судскиот совет на кои им беше изгласана недоверба ќе продолжат да земаат плата, Мицкоски даде потврден одговор велејќи дека така ќе биде се додека не заминат од функцијата, што е, како што рече, уште една причина за револтот кај граѓаните.
„Ја чувствувам таа негативна вибрација кај граѓаните, гледам дека работата зоврива и дека можно е да се самоорганизираат и тоа може да бидат масовни протести. И тука сум веќе и јас загрижен бидејќи логично е да се грижиме за безбедноста на државата“,
додаде Мицкоски.
Премиерот и денеска повтори дека доколку дојде до ваква ескалација и излезе народ да протестира тој може да биде многуброен, а додаде и дека ќе биде поддржан од него.
Во синоќешно телевизиско гостување Мицкоски, прашан кој е планот на владејачкото мнозинство доколку петтемина членови на Судскиот совет останат на своите позиции и не си поднесат оставки откако Собранието им изгласа недоверба, рече дека ќе им се случи народ кој ќе излезе на улица и ќе протестира.
Притисокот за оставки доаѓа од Владата кон членовите на Судскиот совет чии интерпелации поднесени од владејачкото мнозинство беа изгласани во вторникот.
Мнозинството пратеници ги поддржа интерпелациите на Весна Дамева, Павлина Црвенковска, Тања Чачарова-Иливеска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми, а аргументите за ваквата одлука наведени во изгасаните заклучоци беа дека тие имале „значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и придонеле за падот на довербата на граѓаните кон судството“. Воедно, се наведува дека ја занемариле и не ја извршувале својата функција во работата на Советот, а поради изгласаната недоверба, го губат легитимитетот да учествуваат и одлучуваат во работата на Судскиот совет.
Интерпелциите на овие членови на Судскиот совет не значат и престанок на нивните функции, односно тие не повлекуваат правно дејство.