Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер вчера не сакаше да коментира поради кои причини министерот Лимани бил одбиен за американска виза. Таа ги упати новинарите да бараат одговор од министерот
Односите меѓу Владата и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, како и тие со администрацијата во американската амбасада тука се на ултрависоко ниво, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по извршениот увид на градежни активности во Ѓорче Петров.
Коментирајќи го случајот со одбивањето за американска виза на министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, Мицкоски порача да не се избрзува со заклучоци.
„Јас не би избрзувал со заклучоци поврзани со визата, да почекаме. Што ако добие најскоро, тогаш што правиме, што ќе се случи?! Затоа да не брзаме, знаеме точно што правиме, нема да направиме ниту милиметар спротивен од интересот на државата и граѓаните“,
изјави премиерот.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, вчера не сакаше да коментира поради кои причини министерот Лимани бил одбиен за американска виза. Таа ги упати новинарите да бараат одговор од министерот.
„Имаме строги закони за приватност во САД, па затоа не можам да дискутирам за никакви проблеми со визите на кој било индивидуалец. Би ве упатила до министерот за да разговарате за тоа што се случило, но само ќе ви кажам дека на секој апликант за виза во САД му се објаснува процесот и доколку има нешто дополнително, и тоа се објаснува“,
изјави Агелер.
Како што објави вчера „360 степени“, министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, кој доаѓа од редовите на коалицијата „Влен“, на 11 март требало да присуствува на настан на ОН за жени во Њујорк, САД. Темата била „Зајакнување на промените: Отклучување на трансформативното родово влијание во Западен Балкан и Источна Европа во организација на Молдавија“, а Лимани бил планиран како панелист. Но, Лимани не отпатувал за Њујорк бидејќи бил одбиен за американска виза.
„Причината за ‘пречката за слободно движење’ произлегува од фактот што жртвував сè за да го вратам Али Ахмети (заедно со неговите деца и пријатели) во неговата татковина користејќи начини и средства кои не се дозволени со меѓународното право. Ова нека послужи како потсетник за идните генерации да внимаваат кому му веруваат и за што се жртвуваат, за да не се осудат на вечно ропство. Ако сакате подетално објаснување… кажете му на Али Ахмети да избере дебатна емисија и телевизиска куќа и ќе бидете поинформирани… Движењето и ‘борбата’ за права на својот народ ме ‘осудува’, а вас криминалот и кражбата на вашиот народ“,реагираше Лимани на Фејсбук.
Оставка или разрешување на Лимани побараа од СДСМ и Алијанса на Албанците на Зијадин Села.