Министерот за транспорт рече дека за одлуката на владата на Бугарија ги известил Делегацијата на Европската Унија, Европската транспортна заедница, како и Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), имајќи предвид дека земјава има потпишано договори за кредит за Коридорот 8 во висина од 350 милиони евра. Доколку овие пари, не по наша, туку по вина на Софија не се искористат, како што рече Николоски, земјава би плаќала резервации
Бугарија испрати јасна политичка порака за нејзината посветеност, односно непосветеност за изградбата на железничкиот Коридор 8, изјави министерот за транспорт Александар Николоски, во врска со одлуката на владата на Софија за одложување на реконструкцијата на дел од делниците од бугарска страна кои се дел од овој коридор.

Николоски вели дека со жалење ја примиле информацијата за одлуката на бугарската влада со која средствата за реконструкција на железничките делници од Софија до Ѓуешево се пренасочуваат за довршување на т.н. железничкиот автопат „Тракија“ од Софија до Бургас.
„На делот од Софија до Ѓуешево има пруга, но таа е во очајна состојба и практично не може да се користи. Не треба само да се изгради тунелот и да се изгради спојка со Ѓуешево, туку многу поважно е да се направи реконструкција од Ѓуешево до Софија со цел Скопје и Софија да се спојат“,
изјави Николоски.
Министерот за транспорт рече дека за одлуката на владата на Бугарија ги известил Делегацијата на Европската Унија, Европската транспортна заедница, како и Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), имајќи предвид дека земјава има потпишано договори за кредит за коридорот 8 во висина од 350 милиони евра. Доколку овие пари, не по наша, туку по вина на Софија не се искористат, како што рече Николоски, земјава би плаќала резервации.
„Мора да го заштитиме и финансискиот интерес на државата. Втората фаза од изградбата ќе ја завршиме сигурно, рокот е до октомври 2026 година и тоа ќе го направиме. Третата фаза има смисла, инженерски зборувам, само доколку се поврземе со Бугарија. Не можеме да изградиме тунел до пола, тоа никаде во светот го нема така што мора да имаме договор. Ние остануваме силно посветени на железничкиот Коридор 8“,
изјави Николоски.
Министерот изрази очекување дека дијалогот со Бугарија за изградба на железничкото поврзување во рамки на Коридорот 8 ќе продолжи и дека Софија ќе покаже подготвеност за овој проект како што тоа го прави земјава.
„На 7 март јас испратив формално писмо преку МНР до бугарската влада до бугарското министерство за транспорт и до сите одговорни. Од наша страна е формирана работна група на највисокото можно ниво, покрај мене, министерот за надворешни работи и трговија, министерката за финансии и директорот на Железница Инфраструктура. Очекуваме иста посветеност и од страна на Бугарија со цел да можеме да ја изградиме и да ги поврземе Софија и Скопје и на крај одлуката да е на двете страни. Влади се менуваат, но посветеноста останува. Јас се надевам дека со оваа или следна бугарска влада ќе успееме да го изградиме Коридорот 8 затоа што тој е клучна артерија не само за Македонија туку за целиот регион“,
додаде министерот за транспорт.
Владата во Бугарија вчера донесе одлука за одложување на модернизацијата на делниците Софија-Перник и Перник-Радомир, кои се дел од железничкото поврзување со земјава во рамки на Коридорот 8.