„Од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот? Кој може да ја предвиди? Уште отсега знаат каква е одлуката. Што ако Судот рече дека нема никаков проблем (со Законот), ќе се извинат ли тогаш за ваквите тешки лаги. Не можам да разберам. Дали е нормално цело општество да се чува во заложништво заради политички амбиции на некого, кој било и да е“, рече претседателот на Уставен на денешниот брифинг прашан за коментар на денешното соопштение на ДУИ
Лаги и опасни манипулации. Вака, како свој личен став, претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, ги оцени наводите во денешното соопштение на Демократската унија за интеграција (ДУИ), а во врска со постапката за оценување на уставноста на Законот за употреба на јазиците.

Имено, од партијата на Али Ахмети денеска преку писмено соопштение рекоа дека четири години по потпишувањето на усвојувањето на Законот за употреба на јазиците сега се прават обиди за напад на најчувствителното прашање од Охридскиот рамковен договор – прашањето за јазикот.
Костадиновски за став по овие наводи беше прашан на денешниот брифинг со новинарите, на кој информира за подготвителната седница за иницијативите поврзани со Законот за употреба на јазиците.
„Со индигнација ги отфрлам сите лаги, тешки и манипулации кои веќе преминуваат во сферата на опасни манипулации“,
рече Костадиновски.
Осврнувајќи се на наводите на ДУИ, тој рече дека контрастот на нивните прашања и тези бил било прашањето зошто тогаш постои Уставниот суд.
„Што треба ние да направиме со таа иницијатива? Да ја земеме да ја искинеме, да ја чуваме до 2030 година, до 2040, 2050 година? Што треба да направиме кога имаме јасно определени надлежности и должности. Ние сме должни да одговориме на прашањето. Но, сега да се употребуваат такви тешки зборови, да се игра на чувствата на граѓаните, да се манипулира е навистина, не знам како да го наречам, ова е брутално, ова е политички примитивизам, политичко дивјаштво. Ова се лаги, невистини“,
рече претседателот на Уставен на брифингот.
Во таа насока тој постави неколку реторички прашања, а кои се однесуваа на тоа дека во овој момент никој не може да знае каква ќе биде конечната одлука на Уставниот суд.
„Од каде знаат каква ќе биде одлуката на судот? Кој може да ја предвиди одлуката? Уште отсега знаат каква е одлуката. Што ако Судот рече дека нема никаков проблем (со Законот), ќе се извинат ли тогаш за ваквите тешки лаги. Не можам да разберам. Дали е нормално цело општество да се чува во заложништво заради политички амбиции на некого, кој било и да е“,
рече Костадиновски.
Дури и да се донесе некаква одлука, претседателот на Уставен кажа дека со тоа Судот му помага на законодавецот (Собранието) да се поправи ако нешто не е во ред со законите решенија што ги носи.
„И каде се загрозени правата на кого било? Тоа е владеење на правото? Законодавецот ако излезе од уставната рамка законодавецот го коригира, законодавецот повторно си интервенира. Тоа е нормална демократска постапка. Тажно е што после толку години од Рамковниот договор повторно разговараме за ова“,
рече Костадиновски додавајќи дека Охридскиот рамковен договор е дел од Уставот на државата, односно е дел од неговата Преамбула.
Инаку, од опозициската ДУИ денеска рекоа дека секој обид за оспорување на Законот за употреба на јазиците е обид за оспорување на Охридскиот договор и уставниот поредок на земјава.

Оттаму оценија дека со оспорувањето на Законот за употреба на јазиците не се прави ништо друго освен, како што велат, напад врз темелите на соживотот и евроатлантската ориентација на државата. Оценувањето на уставноста на Законот, според ДУИ, е политички мотивиран и репресивен чин кој доведува до создавање тензии и отворање на старите рани од минатото.
„Апелираме до сите државни институции и меѓународни фактори да не дозволат земјата да се лизне во патот на ревизионизмот, кој може да доведе до длабока политичка и институционална криза со непредвидливи последици. ДУИ со сите демократски средства ќе го брани Законот за употреба на јазиците и нема да дозволи враќање назад“,
се вели во соопштението на ДУИ.