Студентите кои три и пол месеци ги блокираат факултетите, во пресрет на протестот закажан за утре, апелираа до Министерството за внатрешни работи до денеска да ја отстрани шаторската населба од Пионерскиот парк и да спречи нејзино повторно поставување до 16 март

Голем број трактори се паркирани околу Пионерскиот парк во центарот на Белград, каде што членовите на здружението „Студенти 2.0“ кампуваат од 6 март барајќи да престанат студентските блокади на факултетите.
Неколкуте десетици трактори од кои дел се без регистарски таблички, како што пишува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, на тротоарот и на коловозот, се паркирани од ноќеска.
„Кој точно ги довел овде и зошто, сè уште не е познато. Извесно е дека нивното пристигнување и заминување веднаш до паркот каде што е присутна полицијата не можеше да се случи без да бидат видени од полициските службеници“,
пишува српски „Данас“.
Студентите кои три и пол месеци ги блокираат факултетите, во пресрет на протестот закажан за утре, апелираа до Министерството за внатрешни работи до денеска да ја отстрани шаторската населба од Пионерскиот парк и да спречи нејзино повторно поставување до 16 март.
Тие побараа од МВР, доколку не се помести шаторската населба, да обезбеди највисоко ниво на безбедност во вид на полициски кордон меѓу шаторската населба и учесниците на протестот на 15 март.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера ги замоли „студентите кои сакаат да учат“ и кои кампуваат во Пионерскиот парк да си одат дома в сабота и да се вратат следниот ден.
Во врска со утрешниот протест во главниот град на Србија, денеска Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Белград издаде безбедносно предупредување за своите државјани. Во известувањето до американските граѓани, Амбасадата на САД ги повикува да ги избегнуваат местата на масовни собири.
Властите во Србија со денови најавуваат можни немири на масовните демонстрации најавени за утре (15 март), додека студентските организации се оградуваат од ваквите ставови и повикуваат на мирен протест.
Во пресрет на најавениот протест во Белград, Светиот архиерејски синод на Српската православна црква (СПЦ) ги повика сите кои на кој било начин се вклучени во актуелните настани, да ги прекинат поделбите, да иницираат братски дијалог и да покажат покајание за време на велигденскиот пост.
Студентите во блокадата, меѓу другото, бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица при уривање на натстрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Нив ги поддржаа дел од просветните работници кои ја прекинаа наставата, адвокатите и дел од земјоделците и културните работници.
Масовни протести и блокади досега се одржаа во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.