Според Здружението на инженери, паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само плус или минус 10 отсто пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка

Здружението на инженери на Република Македонија упати претставка до Регулаторната комисија за енергетика со барање за измена на правилата за снабдување со електрична енергија.
Од Здружението во претставката бараат да се изврши измена на правилата за снабдување со електрична енергија и да се воведе месечно отчитување на броилата, како што е предвидено за останатите категории на приклучоци во тарифниот систем за дистрибуција.
Оттаму додаваат дека во случај кога броилото не е отчитано, ЕВН треба да издава фактура од 420 денари со прикажување на 0 киловат-часови потрошена електрична енергија, а откако ќе се изврши реално отчитување, потрошувачот да добие коригирана фактура врз основа на реалната потрошувачка за периодот од претходното до последното отчитување.
Во образложението тие наведуваат дека со воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) извршила измена на правилата за снабдување со електрична енергија предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата.
„Ваквата одлука доведува до неправедно пресметување на сметките бидејќи паушалното одредување на потрошувачката може да ги внесе корисниците во повисоки ценовни блокови, со што нивните сметки неоправдано се зголемуваат, овозможувајќи дополнителна заработувачка на ЕВН“,
се вели во претставката.
Според Здружението на инженери, паушалното одредување на потрошувачката и внесувањето на корисниците во повисоки ценовни блокови при само плус или минус 10 отсто пречекорување на блоковите на годишно ниво може да предизвика значителни разлики во наплатата во однос на реалната потрошувачка.
„За потрошувачите во првиот ценовен блок тоа може да биде во износи од 170 денари, 830 денари за потрошувачи во вториот ценовен блок и 8 080 денари за потрошувачи во третиот ценовен блок“,
се вели во претставката.
Во претставката до РКЕ од Здружението имаат направено пресметка врз основа на пописот каде што се вели дека во државата има 598 632 домаќинства, а ЕВН има 915 492 броила. Во пресметката се вели дека ако 80 отсто од домаќинствата најчесто имаат сметки во рамките на вториот ценовен блок, водејќи се од објавата на ЕВН дека само кај 15 отсто од броилата се врши паушално одредување на потрошувачката, тогаш годишната дополнителна неоправдана заработувачка на ЕВН може да изнесува приближно два милиони евра.
Од Здружението на инженери веруваат дека со барањата што ги имаат ќе се спречат неправедните наплати и ќе се елиминира дополнителната неоправдана заработувачка на ЕВН.