„Еве како би сакале светот да изгледа за неколку дена: ниту една страна да не пука една кон друга, да нема ракети, ниту проектили, ниту куршуми, ништо, ниту артилерија. Пукањето престанува, борбите престануваат и разговорите почнуваат“, рече тој
Прекинот на огнот меѓу Русија и Украина може да се случи за неколку дена доколку руските лидери се согласат на тоа, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио, а пренесува „Њујорк тајмс“.
Посочи дека на состанокот во Канада, кој треба да се одржи оваа недела, има намера да ги натера дипломатите од Групата 7 да се фокусираат на завршување на војната.

„Еве како би сакале светот да изгледа за неколку дена: ниту една страна да не пука една кон друга, да нема ракети, ниту проектили, ниту куршуми, ништо, ниту артилерија. Пукањето престанува, борбите престануваат и разговорите почнуваат“,
им рече тој на новинарите во Ирска, на пат од Саудиска Арабија за Канада.
Ја минимизираше секоја идеја дека ќе наиде на непријателство од американските сојузници поради неодамнешните царини наметнати кон Канада од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Очекува да има срдечни разговори со канадските власти и покрај заканата на Трамп да ја анектира Канада и да ја направи 51. држава.
„За тоа нема да разговараме на Г7, ниту за време на нашето патување овде. Тие се земјата домаќин и имаме многу други работи на кои работиме заедно“,
кажа Рубио.
Рубио и Мајкл Волц, советникот за национална безбедност на Белата куќа, пред два дена се состанаа со украинските официјални претставници во Џеда, Саудиска Арабија, со цел да најдат решение за преговарачкиот процес со Русија за да се стави крај на војната.
По состанокот соопшти дека Украина е подготвена да ја прифати американската иницијатива за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот.
Овој предлог за прекин на огнот ќе може да се продолжи со заемна согласност на двете страни, но неговата примена зависи од прифаќањето и спроведувањето од страна на Русија.
„Украина направи позитивен чекор, се надеваме дека Русите ќе возвратат. Тоа би бил најдобриот гест на добра волја од руска страна“,
рече тој.
Британските медиуми пренесуваат дека Рубио не дал рок кога треба да започне примирјето, но дека се надева тоа да се случи што поскоро.
Според Рубио, Европејците ќе мора да бидат вклучени во потенцијалниот договор со Украина.