Според неа, владејачкото мнозинство не прави никаква реформа во правосудниот систем, туку го урива уставниот поредок и правната држава
Тоа што се случуваше во Собранието со изгласаната интерпелација за петте члена на Судскиот совет претставува упад во правната држава и комплетно кршење на Уставот. Судскиот совет како тело е уставна категорија, а неговите членови одговараат пред самиот Судски совет. Ова денеска го рече заменик-претседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Фани Каранфилова-Пановска, во Дневникот на ТВ Сител, коментирајќи ја вчерашната изгласана недоверба во Собранието за петте члена на Судскиот совет, како Тања Чачарова-Илиевска, Миљазим Мустафа, Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева.

„Ваквата постапка на извршната власт и на владејачкото мнозинство во Собранието не претставува ништо друго, освен кршење на уставните начела на владеење на правото и на поделба на власта. Дополнително, постапката за пет члена на Судскиот совет, за кои беше поднесена и изгласана интерпелација претставува дискриминација во однос на другите осум члена на Судскиот совет“,
рече таа.
Според неа, владејачкото мнозинство не прави никаква реформа во правосудниот систем, туку го урива уставниот поредок и правната држава.
„Ако Владата вели дека прави реформи, би ги прашала зошто на интерпелацијата во парламентот не се најде и министерот за правда кој ги има истите права и одговорности во рамките на Судскиот совет, а за чие членување во Судскиот совет токму оценската мисија на ЕУ е онаа која прва забележува дека министерот за правда не треба да биде дел од Судскиот совет“,
кажа заменик-претседателката на СДСМ.
Посочи дека СДСМ е отворен и подготвен да помогне во спроведување на реформите што се зацртани со реформската агенда, а кои владата на ВМРО-ДПМНЕ ги потпиша во Брисел, а ни се доделени 750 милиони евра од Планот за раст, во чии рамки до крајот на оваа година има околу девет закони кои се однесуваат на Судскиот совет, на Јавнообвинителскиот совет, на платите во судстството, на именувањето во судството.
„Ова е притисок на членовите на Судскиот совет и целото судство со идеја таму да се инсталираат партиски послушници. Ова е еден политички преседан, со кој отвораме Пандорина кутија“,
рече таа.
Според неа, треба да се договарат овој систем да го реформираат на начин што ќе се гарантира неговата независност, автономија и интегритет.
„СДСМ е подготвен да ги стави на располагање сета своја ескпертиза, знаење и политичка поддршка во парламентот. Да седнеме и да се договориме и да ги направиме реформите во овој сектор така како што треба“,
додаде Каранфилова-Пановска.
На прашањето дали постои начин како судството да се исчисти од политички инсталации, таа вели дека Европската комисија ни кажува како треба да го реформираме правосудниот систем, за да биде согласно стандардите на Европската Унија.
„По реформата од Европската Унија е предвиден нов Закон за судски совет, кој согласно реформската агенда треба да биде подготвен во јуни 2025 година. Не гледаме никаква иницијатива од Министерството за правда да се поднесат овие законски решенија во Собранието, за да може во јуни тој закон да биде изгласан. Зошто Владата не почне да работи на нов Закон за судски совет? Има децидни препораки каде треба да го промениме законот и потоа по новиот закон да седнеме и да го реформираме и Судскиот совет и начинот на именување на судиите. Но, не е тоа идејата, туку узурпација на правниот систем по клучот и принципот на владеење на ДПМНЕ“,
кажа таа.
Според неа, ова се едни од прашањата за кои треба да се обезбеди широк политички консензус и да се мобилизира сета експертиза.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува морална одговорност од членовите во Судскиот совет за кои вчера е изгласана интерпелација и да ги напуштат позициите што ги имаат заробено, затоа што немаат никаков кредибилитет да бидат на тие места.