Опозициската СДСМ пред два дена објави договори што биле склучени меѓу Министерството за дигитална трансформација и фирма од Скопје, со што обвинија за скандал во оваа државна институција во кој, како што рекоа оттаму, има конфликт на интерес
Помина времето кога Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) беше и обвинител и судија во оваа држава и кога во монтирани процеси без докази се жигосуваа луѓе и се изложуваа на јавен линч. Вака денеска кабинетот на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја поздрави одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да ги разгледа, како што велат, сите наводи на СДСМ и фактите што ќе ги достават веднаш штом бидат побарани од Министерството.
Опозициската СДСМ пред два дена објави договори што биле склучени меѓу Министерството за дигитална трансформација и фирма од Скопје, со што обвинија за скандал во оваа државна институција во кој, како што рекоа оттаму, има конфликт на интерес.

„Јавноста не е со кратка меморија за каква што ја смета Кузеска и СДСМ. Свежи се сеќавањата за грабежот и безредието, кога како власт, имаше свои омилени фирми на тендерите и оние кои се склучуваа во четири очи во АД ЕЛЕМ, Министерството за внатрешни работи (МВР), Министерството за одбрана и ФИТР. Долга е листата на коруптивни скандали кога е во прашање владеењето на СДС со ДУИ, криминалот со јавните набавки е знак на распознавање на ова дуо. Тоа е причината за расфрлањето со лаги, за да го покрие откривањето нови случаи во ФИТР, но и во Управата за матичната евиденција“,
велат од кабинетот на Андоновски.
Оттаму велат дека во врска со случајот со јавната набавка во Министерството, со кој СДСМ се обидува да ја манипулира јавноста, се убедени во законитоста на постапките и им стојат на располагање на сите надлежни иституции.
„Јавните набавки во Министерството се прават на начин кој заштедува и до 40 отсто од средствата на граѓаните, во постапки за кои нема жалба, зашто се водат законски, транспарентно и отворено“,
се вели во соопштението од Министерството.
Во следниот период, како што велат од кабинетот на Андоновски, нема да го коментираат овој случај, со цел да се остави простор и објективност на ДКСК и на другите институции.
„Кога ќе се потврди дека министерот Андоновски нема никаква вмешаност во криминал, корупција или судир на интереси, како што набедува и клевети СДСМ, Богданка Кузеска и нејзината партија, треба да бидат подготвени за пријави за клевета и навреда“,
велат од кабинетот на министерот.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска објави дека ќе утврдува дали има судир на интереси во случајот што Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) го објави пред два дена, а се однесува на тендерите во Министерството за дигитална трансформација.
Одлуката на ДКСК денеска ја поздравија од опозициската СДСМ, од каде што велат дека чекорот на Комисијата е во вистинска насока, но оти сега е на ред Јавното обвинителство.
Кузеска пред два дена покажа два договори за кои рече дека се склучени помеѓу Министерството за дигитална трансформација и Друштвото за производство, трговија, промет и услуги „Матео дизајн“ од Скопје застапувано од управителот Мартин Клинчаров – сопруг на Гордана Клинчарова, државна секретарка во Министерството.