„Да почекаме истрагата да заврши и дури откако ќе заврши истрагата можеме да коментираме кои се сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети“, вели премиерот

Овие луѓе што правеле стотици милиони евра бизнис практично се богателе на грбот на граѓаните со тоа што користеле такви недозволиви средства би рекол согорувале таков тип недозволиви материи, со што го загрозувале животот на граѓаните. Секој што се огрешил пред законот ќе одговара, без разлика за кого станува збор, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски како коментар за случајот со набавка на канцероген мазут.
Прашан колку е задоволен од мерките што ги издаде судот за осомничените, Мицкоски рече дека не сака да коментира судски одлуки.
„Па, видете, јас не би ги коментирал одлуките на судот. Тоа сум го кажал многупати во минатото. Довербата во судството е таква каква што е. Јас тука немам што да додадам. Секој оној што се огрешил пред законот ќе одговара, јас тоа сум го кажал многупати во минатото, без разлика за кого станува збор“,
додаде тој при денешната посета во Општина Ресен по повод свечено поставување на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
За тоа дали постои некаков инструмент и механизам за да се види каков мазут бил увезуван во периодот од 2021 до 2023 година, со оглед на тоа што првичните информации се дека станува збор за набавка на мазут со сомнително потекло и квалитет, а кривичните пријави се за злоупотреба на службена положба и за перење пари, Мицкоски рече дека треба да се почека истрагата да заврши.
„Да почекаме истрагата да заврши и дури откако ќе заврши истрагата можеме да коментираме кои се сите основани сомневања за коишто овие лица ќе бидат обвинети. До тогаш ќе се држиме до она до коешто Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност го соопштија на јавноста“,
рече Мицкоски.
Судија на претходна постапка вчера му одреди 30-дневен притвор на Ратко Капушевски, генерален директор на фирмата РКМ за трговија со енергенси и нафтени деривати и на уште две лица опфатени со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. За Асмир Јахоски, сопственик на компанијата „Пуцко петрол“, пак, определи куќен притвор.
За останатите седум осомничени кои беа спроведени во судот, судијата го прифати предлогот на јавниот обвинител и донесе решение за определување на мерки за претпазливост, се додава во соопштението на Судот.
Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Вчера од Министерството за внатрешни работи рекоа дека во понеделничката акција со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во врска со кривични дела за сомнителни набавки на деривати биле приведени 11 лица, едно лице е недостапно на органите на прогонот, а едно е во притвор.