На последното прашање на неговиот адвокат Горан Бошевски, зошто по убиството на Панче Жежовски се согласил да учествува во грабнувањето на жената, како што ја нарекуваше, Манев рече дека тоа било од страв од Палевски
Вања Ѓорчевска била грабната по грешка, сведочеше денеска обвинетиот Велибор Манев. Откако претходно во детали раскажа како бил грабнат и убиен Панче Жежовски за му го земат возилото, Манев ги раскажа околностите и начинот на кој била грабната Вања. Во својот исказ пред Судот кажа дека Палевски извесно време пред грабнувањата им кажувал дека цел му се повеќе лица, а едно од нив бил директорот на „Гранит”, кој, како што кажа Манев, само запаметил дека се вика Страшо.

На крајот, како што рече обвинетиот, Палевски се одлучил за женско лице на возраст од 38 до 40 години, ќерка на познат сопственик на фармацевтска компанија.
„Неколку дена кажуваше дека ја следел за да ѝ ги види навиките, каде работи и наводно ја сликал со мобилниот телефон. Ни ги покажуваше сликите на жената”,
рече Манев.
Потоа раскажа како се одвивало грабнувањето. Притоа рече дека има три обиди, од кои првите два биле неуспешни поради одредени околности кои не им оделе во прилог.
„Во понеделникот, на 27 ноември 2023 година, беше третиот обид. Во текот на викендот Палевски и уште едно лице, не знам кое, го пренеле возилото на Жежовски кај пазарот во Радишани. На 27 ноември нè однесе во Радишани со ‘кангуто’ и нè остави тројцата, мене, Боре и Влатко Кешишов пред зградата. Јас имав ‘моторола’, Влатко имаше ‘моторола’ и Љупчо Палевски имаше ‘моторола’. Љупчо Палевски ни го објасни начинот на отворање на врата на зградата, ентериерот и распоредот на скалите и дека внатре може полесно да се земе лицето. Кога стигнавме, Влатко остана во колата на Жежовски, а јас и Боре влеговме во зградата. Беше темно, светло доаѓаше од вратата на зградата. Палевски ни кажуваше за времето преку ‘моторолата’. Во 7:20 часот јас бев до скалите, а Боре чекаше со селотејп-лента ставена на рака и кога се симнуваше лицето, Боре ја грабна со едната рака, а со другата ѝ ја залепи лентата”,
раскажуваше обвинетиот Манев.
Како што кажа, во темницата лицето изгледало идентично со она од сликите што им ги покажувал Палевски.
„Ја ставивме во вреќа за спиење која претходно ја зедовме од канцеларијата (на партијата Десна). На Влатко му беше јавено да ја донесе колата пред влезот и да ја отвори вратата за да ја ставиме во гепекот. Откако ја ставивме во гепек, по насоки на Палевски, продолжив да се движам по улиците што беа наведени, излегов на Партизанска, потоа кај ‘Александар палас’ и тука се исклучив за Качанички пат за кон селото каде што требаше да ја носиме. Љупчо Палевски ме чекаше на надвозникот, тој одеше напред, јас по него. Стигнавме до местото Oризови Дупки”,
наведе Манев.
Таму Палевски им рекол да ја извадат од вреќата за спиење за да ја фотографира и да испрати слики до нејзиното семејство. Тогаш, рече Манев, видел дека станува збор за дете и оти мора да се работи за некаква грешка.
„Реков дека е некаква грешка и мора да ја пуштиме. Палевски рече дека не разбираме ништо и дека сумата што треба да ни ја исплати за грабнувањата ќе биде помала од таа што ни ја вети“,
рече Манев.
Потоа раскажа што се случило следно, што предизвика непријатно чувство кај присутните новинари.
„Додека гледав во собите на (недоградена куќа), Палевски му се приближи на девојчето со пиштол и преку перниче ѝ испука куршум. Потоа од пикапот извади копач, лопата и ни нареди да ископаме дупка за да го закопаме детето. Копавме во замрзната земја. Потоа Палевски го зеде телото од кај главата, а јас и Влатко кај нозете и ја спуштивме во дупката. Палевски ја фрли вреќата во возилото на Жежовски. Ни нареди да закопуваме. Со солзи во очите почнав да закопувам. Потоа ни нареди да тргнеме по него. Јас го возев возилото на Панче, а тој беше напред со пикапот кон Глуво, а потоа скршнавме кон Скопје. Таму на нива го запаливме возилото”,
наведе Манев.
Откако го запалиле „ситроенот”, седнале во „реното кангу” и тргнале кон канцеларијата на партијата.
„Лицето во блуза со црна лента што се гледа на камерите од ‘Сејф сити’, тоа сум јас. Кога стигнавме во канцеларијата, јас и Боре се качивме во мојата кола и заминавме за Велес, а Влатко и Палевски останаа во канцеларијата”,
наведе обвинетиот Манев.
На последното прашање на неговиот адвокат Горан Бошевски, зошто по убиството на Жежовски се согласил да учествува во грабнувањето на жената, како што ја нарекуваше, Манев рече дека тоа било од страв од Палевски.
„Ми беше страв дека ќе нè отепа мене и мојата фамилија”,
рече обвинетиот.
Манев, одговарајќи на прашањата, рече дека бил тепан во полиција за да каже дека Палевски имал комуникација со Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој е обвинет за помагање при грабнувањето. Манев рече оти му биле покажувани фотографии од Ѓорчевски, на што тој велел дека ниту го знае ниту го познава и оти првпат го гледа.
По ова сведокот одговараше на вкрстени прашања на обвинителката. Според тврдењата на Манев, првообвинетиот Палевски им ветувал по 150 000 евра за грабнувањата. И на вкрстените прашања на обвинителката Манев повтори дека бил тепан во полиција за да каже дека Палевски и Ѓорчевски имале контакт.