Целта на ЕУ, како што се додава, е да ја поддржи Украина да постигне сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право
Европската Унија (ЕУ) ја поздрави заедничката изјава на Украина и САД по нивниот состанок во Саудиска Арабија, вклучувајќи ги и предлозите за договор за привремен прекин на огнот, хуманитарните напори и продолжувањето на размената на разузнавачки информации и безбедносната помош на САД.

Во соопштението објавено на официјалната веб-страница на Европскиот совет, меѓу другото, се наведува дека ЕУ е подготвена да ја одигра својата целосна улога во поддршката на претстојните чекори заедно со Украина, САД и другите партнери. Целта на ЕУ, се додава, е да ја поддржи Украина да постигне сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на Обединетите нации (ОН) и меѓународното право.
„Предлогот за прекин на огнот – доколку биде прифатен од Русија – може да биде важен чекор во оваа насока. Сега е Русија да ја покаже својата волја да постигне мир. ЕУ ги поздравува напорите на Кралството Саудиска Арабија да биде домаќин на овие дискусии“,
се наведува во соопштението.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера објави дека Украина е подготвена да ја прифати американската иницијатива за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот по вчерашните мировни преговори во Џеда, Саудиска Арабија. Предлогот за прекин на огнот ќе може да се продолжи со заемна согласност на двете страни, но неговата примена зависи од прифаќањето и спроведувањето од страна на Русија.