„Над 7 000 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, а нивниот живот, историја и култура беа насилно прекинати. Но, историјата не е само спомен, таа е лекција. Нашата обврска е да ја зачуваме вистината, да се спротивставиме на заборавот и да градиме општество засновано на толеранција, правда и меѓусебно почитување“, напиша на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски

„Денес стоиме со почит, тага и надеж, сеќавајќи се на жртвите од Втората светска војна и трагедијата на Холокаустот, која не ја одмина ниту Македонија“, напиша денеска на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски откако присуствуваше на церемонија во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија по повод 82-годишнината од Холокаустот.
„Над 7 000 македонски Евреи беа депортирани во логорот Треблинка, а нивниот живот, историја и култура беа насилно прекинати. Но, историјата не е само спомен, таа е лекција. Нашата обврска е да ја зачуваме вистината, да се спротивставиме на заборавот и да градиме општество засновано на толеранција, правда и меѓусебно почитување. ‘Никогаш повеќе’ не е само фраза, тоа е залог. Да не дозволиме минатото да се повтори. Нека споменот на жртвите биде вечен“,
пишува во објавата на Мицкоски.
На настанот, освен првите луѓе на Меморијалниот центар и припаднции на еврејската заедница во Македонија, присуствуваше и поранешниот претседател Ѓорге Иванов, вицепремиерот и министер за политички систем Љупчо Димовски, како и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
Инаку, комеморација за жртвите од Холокаустот денеска се одржа и во Битола. Таму потпретседателката на Еврејската заедница во Македонија, Радојка Хелман Денковска, порача дека овој ден мора да се одбележува секоја година за да не се заборави трагедијата што ги погодила Евреите.
