Портпаролката на руското МНР оцени дека мировната иницијатива на Париз и Лондон е обид да се купи повеќе време за Киев да го спречи својот колапс на бојното поле
Руското министерство за надворешни работи соопшти дека Москва го смета за „апсолутно неприфатлив“ предлогот на Франција за привремен прекин на огнот во Украина. Според изјавата на портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, каков било краткотраен прекин на огнот ќе овозможи реорганизација на силите, што, како што рече, е неприфатливо бидејќи ќе доведе до сосема спротивен резултат од посакуваниот.

Портпаролката на руското МНР оцени дека мировната иницијатива на Париз и Лондон е обид да се купи повеќе време за Киев да го спречи својот колапс на бојното поле.
„Украина би го искористила примирјето за да ги зајакне своите воени капацитети и во тоа сценарио конфликтот неизбежно повторно би се разгорел“,
изјави Захарова.
Додаде оти Москва е заинтересирана за конечно решение за ставање крај на војната, а не за примирје.
„Неопходни се цврсти договори за конечно решение. Без сето ова, каква било пауза или прегрупирање е апсолутно неприфатливо, бидејќи тоа ќе доведе до токму спротивен резултат“,
додаде таа.
Пред почетокот на состанокот на европските лидери во Лондон минатиот викенд, британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија и Франција ќе работат на свој мировен план за Украина.
По средбата со Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека двете земји предлагаат иницијатива за едномесечен прекин на огнот во Украина.
Британскиот министер за вооружени сили Лук Полард, пак, подоцна изјави дека Франција и Британија засега немаат постигнато никаков договор за едномесечно примирје за Украина, додавајќи дека се разговара за голем број опции, а она што е важно, како што рече, е да се изгради план за траен мир што поскоро.