Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот фејсбук-профил објави дека вредноста на првата транша е 10,4 милиони евра

Министерството за финансии денеска до Развојната банка ја префрли првата транша од унгарскиот заем наменет за компаниите.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на својот фејсбук-профил објави дека вредноста на првата транша е 10,4 милиони евра.
„10,4 милиони евра е вредноста на првата транша која ја исплати Министерството за финансии за поддршка на компаниите од унгарскиот заем. Министерството за финансии денеска до Развојната банка ги префрли средствата од централниот Буџет, каде што се планирани вкупно 250 милиони евра наменети за поддршка на домашната економија“,
пишува Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска очекува дека компаниите ќе ги препознаат поволните услови што се обезбедени со оваа кредитна линија и оти планираните средства ќе се искористат во целост.
„Тоа ќе биде силен поттик на домашната економија и поддршка особено имајќи ги предвид понеповолните услови во глобални рамки“,
додава министерката.
Компаниите имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период до три години. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност, а во целиот проект се вклучени сите 13 банки.
Договорот за заем со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан во октомври во Будимпешта. Кредитот е во висина од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие влегоа како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра се насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки ќе ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти, односно за финансирање на проектите на општините.
Средствата станаа оперативни откако Владата на седница на 28 јануари годинава донесе одлука за нивно ставање на располагање на компаниите.
Потпишувањето на договорот следуваше по усвојувањето на Законот за задолжување кај Унгарската експорт-импорт банка во македонското Собрание на 17 септември минатата година. Два месеци претходно заемот беше договорен од страна на премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан за време на нивната средба на маргините на Самитот на НАТО во Вашингтон.