Американскиот претседател Доналд Трамп доцна во понеделникот го запре испраќањето на воена помош за Украина по кавгата со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела во Белата куќа
Белата куќа синоќа соопшти дека ја преиспитува одлуката за суспензија на финансиската помош за Украина и дека се водат преговори меѓу Киев и Вашингтон околу договорот за ретки минерали.

Ова во изјава за новинарите го соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, наведувајќи дека вакви информации добила од Советот за национална безбедност.
„Во врска со ова мислам дека Советот за национална безбедност ми кажа дека ја преиспитува финансиската поддршка за Украина, односно прекинот на финансисрањето“,
изјави Левит, пренесоа агенциите.
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна во понеделникот го запре испраќањето на воена помош за Украина по кавгата со украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела во Белата куќа.
По овој настан, кој предизвикува бурни реакции, беше откажано и потпишувањето на договорот за ретки минерали меѓу САД и Украина.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, претходно вчера изјави дека Трамп ќе го преиспита запирањето на помошта за Украина доколку се постигне договор за мировни преговори и се преземат чекори за обнова на довербата.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски вчера, исто така, изјави дека има, како што кажа, позитивен развој во соработката со САД што може да доведе до нова средба наскоро.
Киев се обидува да ги поправи врските со Вашингтон откако Зеленски минатата недела јавно се судри со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа за тоа како да се стави крај на војната во Украина.
„Нашите украински и американски тимови почнаа да работат на средбата. Андриј Јермак и Мајк Валц разговараа за тоа. Тоа е позитивен потег. Се надеваме на првите резултати следната недела“,
рече Зеленски во вечерното обраќање, притоа мислејќи на шефот на неговиот кабинет (Јермак) и американскиот советник за национална безбедност (Валц).
Јермак по телефонскиот разговор со американскиот советник за национална безбедност објави дека Киев и Вашингтон се согласиле на нови разговори во блиска иднина.
Шефот на кабинетот на Зеленски на Телеграм напиша дека тој и Валц „разговарале за нови мерки што треба да се преземат за да се постигне праведен и траен мир“ во Украина.
„Се договоривме нашите тимови да се сретнат во блиска иднина за да ја продолжат оваа важна работа“,
додаде тој.
Зеленски завчера рече дека Украина е подготвена да седне на преговарачка маса што е можно поскоро и да работи под „силното водство“ на американскиот претседател Трамп за да се постигне траен мир во земјата.