Посочи дека на следната владина седница во вторник ќе бидат предложени тројцата членови за Комисијата за утврдување на репрезентативноста на Синдикатите, а потоа ќе може да се разговара за зголемување на минималната плата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во буџетот нема пари за субвенционирање на разликата во придонесите меѓу 24 400 до 500 евра минимална плата, коментирајќи го барањето на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата.

Посочи дека на следната владина седница во вторник ќе бидат предложени тројцата членови за Комисијата за утврдување на репрезентативноста на Синдикатите, а потоа ќе може да се разговара за зголемување на минималната плата.
„Жалам што Сојузот на синдикати на Македонија полека, но сигурно, се претвара во партиска бина или гласноговорник на коалицијата Левица, СДСМ и ДУИ и практично тоа што овие го говорат во Собранието, тие го говорат на прес-конференции. Тие одбрале таков начин да функционираат. Жалам што во минатото изостана овој предлог. Тие мислат дека сега ќе го исцрпат буџетот и дека ние ќе дадеме 100 до 200 милиони денари за нив, а нема за улици, градинки, училишта, канализации“,
рече премиерот.
Според неа, како Влада ќе го прифатат барањето на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 30 илјади денари доколку Синдикатите и работодавачите се договорат за оваа сума, но со целосно подмирени трошоци од страна на работодавачите.
„Дополнителните придонеси што би ги плаќала Владата, не се предвидени во буџетот“,
кажа Мицкоски.
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, во понеделникот на прес-конференција рече дека до Владата, до претставниците на работодавачите и до координаторите на пратеничките групи во Собранието ќе достават предлог во кој бараат дополнително зголемување на минималната плата за 6 000 денари, а работодавачите да бидат субвенционирани за плаќање на придонесите за социјално осигурување во период најдолго за 12 месеци.