Најмладата пациентка, по операција на рак на дојка и примена терапија на Клиниката на онкологија, што направила реконструкција на града имала 27 години
Се зголемува бројот на млади пациентки со рак на дојка, но и на жени, кои по дијагностицирање на болеста и операцијата направиле реконструкција на града. Ова е заклучокот од денешното предавање „Карцином на дојка“, што се одржа во Скопје.

Според статистиката, ако пред десетина години имало 30 пациентки годишно на кои им се правела реконструкција на градите, сега годишно реконструкција на гради прават од 120 до 150 жени, зафат што е на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Најмладата пациентка, по операција на рак на дојка и примена терапија на Клиниката за онкологија, што направила реконструкција на града имала 27 години.
Клиниката за пластична хирургија апелира до жените што се оперирале од рак на дојка дека имаат можност да добијат реконструкција на града од сопствено ткиво или реконструкција со експандер на товат на ФЗО.
Оваа интервенција, велат оттаму, е со цел да се врати самодовербата кај жената.
Д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, медицински директор и супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургија на Клиниката за пластична хирургија во Скопје, вели дека имаат и 20-годишни пациентки што доаѓаат за реконструкција на дојка.
„Ако претходно жените над 40 години беа со поголем ризик да заболат од карцином на дојка, сега имаме и жени над 20 години што доаѓаат за реконструкција. Реконструкцијата може да се направи од сопствено ткиво од стомак или од грб, а тој зафат е пообемен и остануваат видливи лузни. Реконструкцијата со импланти и со експандери е многу поедноставна и за лекарот и за пациентите, зашто се прави преку лузната што е направена од претходниот зафат“,
рече таа.
Од Клиниката за онкологија велат дека овие интервенции се во консултација и со онколог хирург и хирург од пластина хирургија. Оттаму велат дека се зголемува бројот на пациентки со рак на дојка, но и дека се намалува границата до триесеттата година. Според онколозите, за да се намали овој број важни се скринингот и навременото откривање на болеста.