Со ваквите постапки, како што оцени пратеничката од СДСМ, наместо механизам за заштита на дигнитетот на пратеничките во Собранието, Клубот на пратенички станал заштитник на политичарки кои ги дискриминираат и омаловажуваат жените во парламентот
Само неколку часа по седницата на Клубот на пратенички, на кој се постигна консензус за осуда на секоја форма на дискриминација врз жените од собраниската говорница, пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ се премислија и ја повлекоа согласноста за објава на реакцијата.
Ова во изјава за медиумите го обелодени пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ, оценувајќи дека пратеничките од мнозинството одлучиле да го премолчат неодамнешното однесување на министерката за финансии Гордна Димитриеска-Кочоска кога влезе во вербален судир со пратеничката Славјанка Петровска во парламентот.

Ваквото, како што рече, лицемерно однесување на пратеничките од власта оди на штета на женските права.
„Треба да кажат кој им се јави и ги предомисли. Наместо да се заштитат жените во политиката, пратеничките од ДПМНЕ решија со тоа што ќе го премолчат однесувањето на Кочоска да испратат порака до јавноста дека ја поддржуваат. Ваквото премолчување ја доведува во прашање смислата за постоењето на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Зошто ни се овие механизми кога нивната основна функција се минимизира. Со ваквото однесување се испраќа порака дека женската солидарност е мисловна именка во нашето општество“,
изјави пратеничката Јована Тренчевска.
Со ваквите постапки, како што оцени пратеничката од СДСМ, наместо механизам за заштита на дигнитетот на пратеничките во Собранието, Клубот на пратенички станал заштитник на политичарки кои ги дискриминираат и омаловажуваат жените во парламентот.
„Сè уште одзвонуват зборовите на Гордана Димитриеска-Кочоска со кои ги повреди жените во државата но ги повреди и сите граѓани. И наместо извинување, покајание и оставка од морални причини од страна на Кочоска, граѓаните добија дополнително омаловажување и дискриминација“,
додаде Тренчевска.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за време на седницата за пратенички прашања минатиот четврток влезе во вербален судир со пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска. Поставувајќи прашања, Петровска се осврна на неодамнешните изјави на министерката за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство. Наместо да одговори, министерката за финансии ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба.
- Грашокот и млекото ги скараа пратеничката Петровска и министерката Димитриеска-Кочоска – „летаа“ навредливи коментари за семеен статус
- Димитриеска-Кочоска смета дека била извадена од контекст во дуелот со пратеничката Петровска во Собранието
- Темата со пратеничката Петровска за мене е затворена, се фокусирам на мојата работа, рече Димитриеска-Кочоска