Од Комисијата велат дека биле извршени увиди во службените простории на осигурителните компании, како и во нивните меѓусебни комуникации и биле најдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – картел

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) почнала постапка против 10 осигурителни компании во земјава поради постоење сомневање дека се здружиле во картел кој е директно на штета на граѓаните и стопанството во Македонија.
Како што информираат од Комисијата, десетте осигурителни компании, кои вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија, во април 2024 година, преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата.
„Целта била нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата односно процентот за вршење на дејноста на осигурување, а која е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила“,
се вели во соопштението од Комисијата.
Оттаму додаваат дека биле извршени увиди во службените простории на осигурителните компании, како и во нивните меѓусебни комуникации и биле најдени докази дека одлуката за зголемување на цените на премијата за автоодговорност е донесена како резултат на усогласено однесување – картел.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата велат дека доколку по завршување на прекршочната постапка се потврди постоењето на прекршок, против десетте осигурителните компании ќе бидат изречени казни заради сторениот прекршок.
Случајот за кој информираа од КЗК, денеска го коментираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека бил информиран од страна на директорката на Комисијата.
„Ме информираше директорката на Комисијата за заштита од конкуренција и мислам дека таму ќе ви дадат подетални информации. Некои информации за мене се навистина непријатно изненадувачки“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Илинден.
