„Ве молам објаснете му на гувернерот на Канада, Трудо, дека кога ќе воведе контрацарини на САД, нашите царини веднаш ќе се зголемат за истиот износ!“, одговори Трамп во објава на неговата платформа Трут соушл (Truth Social)
Канадскиот премиер Џастин Трудо денеска објави дека воведуваат царини на производите кои доаѓаат од САД, како одговор на новите давачки што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе кон северниот сосед, а кои стапија во сила денеска.

Трудо најави дека Канада ќе ги задржи царините за американските стоки сè додека САД не ги отстранат нивните, а потврди и дека Отава разгледува и други опции покрај контратарифите, доколку Трамп не отстапи.
„Ние не го сакаме ова, но вашата влада одлучи тоа да ви го направи вам“,
рече Трудо, директно обраќајќи ѝ се на американската јавност, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
Тој рече дека пазарите утрово се во пад и ги предупреди Американците дека инфлацијата во САД ќе се зголеми и дека штета од трговската војна пред сè ќе имаат американските семејства.
„Денес Соединетите Држави започнаа трговска војна против Канада, нивниот партнер и најблизок сојузник, нивниот најблизок пријател“,
рече Трудо.
Истовремено, во обраќањето тој потврди дека канадските контратарифи стапиле во сила паралелно со американските.
„Канада ќе воведе царини од 25 отсто на стоки од САД во вредност од 155 милијарди долари, почнувајќи со царини за стоки во вредност од 30 милијарди долари веднаш и царини за преостанатите 125 милијарди долари за стоки за 21 ден“,
појасни тој.
Премиерот на земјата најави дека Канада планира да ги оспори, како што ги нарече, незаконските дејствија на САД пред Светската трговска организација, предупредувајќи дека Вашингтон го прекршил канадско-американскиот договор за слободна трговија.
„Нема апсолутно никакво оправдување или потреба за овие тарифи“,
рече канадскиот премиер, додавајќи дека царините го поткопуваат договорот што тој и Трамп го направија за справување со ширењето на фентанил.
Тој повтори дека тврдењата на Трамп дека Канада не сака да се бори против дрогата се „целосно лажни“.
По објавата на канадскиот премиер, со порака на својата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) се огласи американскиот претседател, кој, нарекувајќи ги Трудо „гувернер на Канада“, наведе дека дека САД ќе воведат дополнителни реципрочни царини штом Канада воведе возвратни тарифи за американските стоки.
„Ве молам објаснете му на гувернерот на Канада, Трудо, дека кога ќе воведе контрацарини на САД, нашите царини веднаш ќе се зголемат за истиот износ!“,
напиша Трамп.