Од Општината бараат Министерството за внатрешни работи да го документира овој настан, да се утврди одговорноста и за одговорните да сносат правни последици

Малолетник што случајно поминувал во паркот меѓу улиците „Никола Русински“ и „Карпошево востание“ во скопски Карпош е потешко повреден откако врз него паднало дрво, информираат од Општина Карпош.
Детето, додаваат оттаму, со повреди на телото било пренесено во Ургентниот центар.
„За жал, неодговорноста зема данок. И тоа данок кој директно го загрозува човечкото здравје“,
се вели во соопштението од Општина Карпош.
Инцидентот, велат од Карпош, се случил на пет метри оддалеченост од пунктот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
„Претпријатието е должно, согласно Законот за локална самоуправа, да го исече ова дотраено дрво. Одговорноста на ’Паркови и зеленило’ е уште поголема зашто истото дрво било обележано и тоа подолго време за сечење, меѓутоа, како и во стотици други случаи, Јавното претпријатие и Градот Скопје остануваат глуви на барањата на Општина Карпош и на граѓаните“,
додаваат од Карпош.
Од Општината бараат Министерството за внатрешни работи да го документира овој настан, да се утврди одговорноста и одговорните да сносат правни последици.
„Општина Карпош уште еднаш јавно предупредува дека вакви немили настани ќе ни се случат и во градинките како резултат на тоа што Владата не одобрува вработувања на негувателки, воспитувачки и технички персонал на сите оние што веќе заминале во пензија. Уште еднаш апелираме до надлежните државни институции дека си играат со здравјето на децата и не би било добро доколку се случи немил настан, па потоа да ги решаваме проблемите и да бараме одговорност“,
велат од Општина Карпош.