Ова, според директорот на Клиниката за детски болести, е втор случај во последните неколку дена што бил пријавен на Клиниката. Така, пред неколку дена, дете од Прилеп е донесено откако изело отров за глувци
Петгодишно дете од делчевското село Триботивиште е хоспитализирано на Клиниката за детски болести во Скопје откако во својот дом испило неколку апчиња. Детето доцна синоќа е примено во болница, каде што е детоксицирано и денеска се наоѓа во стабилна состојба, информираат од Клиниката за детски болести во Скопје.

Директорот на Клиниката, Реџеп Мемеди, во изјава за ТВ Канал 5 вели дека детето испило таблети „санвал“, кои се седатив хипнотик.
„Направени се сите потребни испитувања. Детето е стабилно“,
рече тој.
Ова, според директорот, е втор случај во последните неколку дена што бил пријавен во Клиниката за детски болести. Така, пред неколку дена, дете од Прилеп е донесено откако изело отров за глувци.
„Од направените анализи се утврди дека има нарушување во коагулацијата. Дадена е терапија. Сега е во стабилна состојба и веќе од денеска ќе може да си оди дома“,
вели д-р Мемемди.
Од Клиниката за детски болести велат дека во текот на една недела имаат минимум по два случаи на труење кај деца со апчиња, корозивни средства и други хемикалии.
Апелираат до возрасните да внимаваат лековите и токсичните средства да не бидат на дофат на деца.