Унгарскиот премиер го нарече срамно бавното придвижување на земјава кон ЕУ, а за таквиот исход од евроинтеграциите ги обвини земјите членки на Унијата
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска на заедничката прес-конференција со својот македонски колега Христијан Мицкоски изјави дека на средбата во Будимпешта го известил него и членовите на Владата на С Македонија оти Унгарија го отфрла, како што рече, диктатот од Европската Унија и никогаш нема да го прифати.

Унгарскиот премиер го нарече срамно бавното придвижување на земјава кон ЕУ, а за таквиот исход од евроинтеграциите ги обвини земјите членки на Унијата.
„Ги известив членовите на Владата на С Македонија дека го отфрламе диктатот од ЕУ, никојпат нема да го прифатиме и затоа мора да плаќаме казни во името на пријателството. Му кажав на премиерот дека и натаму можете да сметате на нашата поддршка за членство во Европската Унија затоа што е срамно што овој процес се придвижува толку бавно, а за тоа не е одговорна С Македонија туку ние, членките на ЕУ“,
изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со Мицкоски.
Се разбира, рече Орбан одговарајќи на новинарски прашања, дека не е фер што европските лидери ја фаворизираат Украина пред С Македонија за придвижување на патот кон Унијата. Додаде дека е срамно тоа што го прави Европската Унија во случајот со С Македонија.
„Би можел да споменам и други држави од Западен Балкан кон кои не е фер она што го прави Брисел, но најгрдата работа се гледа во случајот на Македонија. Премиерот Мицкоски кажа дека преговорите за зачленување во ЕУ сега се билатерализирани наместо Унијата да помогне во решавањето на овие недоразбирања“,
изјави премиерот на Унгарија.
Тој порача оти најголемиот морален долг на ЕУ постои кон Македонија.
На прашањето како Унгарија би можела да ја мотивира земјава да остане на евроинтеграцискиот пат, Орбан рече:
„Тоа што можеме да го направиме како земја членка на ЕУ е потесно да соработуваме со Македонија во економијата, политиката, трговијата, културата, полициската соработка. Ова нема да биде замена за интеграцијата, туку може да се смета како утешна награда за интеграција за на овој начин да им обезбедиме можност за изградба на еден заеднички регион со Србија и С Македонија.“
За време на заедничката прес-конференција, премиерот Христијан Мицкоски рече дека земјава отсекогаш ја добивала поддршката од унгарската влада, а оти сега таа има и финансиска димензија преку унгарскиот кредит – средства кои, како што рече, се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки.
Во однос на евроинтеграциите, Мицкоски изрази надеж дека овој процес конечно ќе биде откочен со голема поддршка од Унгарија. На средбата со Орбан, како што рече, му ја пренел фрустрацијата на македонските граѓани кои досега направиле сè, а за возврат не добиле речиси ништо во последните 20 години.