Измамниците, според полицијата, ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и на мобилен телефон со скриен број. За да бидат поуверливи, во заднина се слуша глас што бара помош
Им се јавуваат на телефон и им се претставуваат како службени лица, најчесто полициски службеници, и им бараат финансиски средства за ослободување од кривичен прогон на нивни деца или внуци кои наводно направиле сообраќајна несреќа со смртни последици. Ова се најчестите измами што изминатиот период ги пријавуваат граѓаните во полиција, а од Министерството за внатрешни работи (МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на досега пријавените кривични дела.

Најчестите жртви на овие измами, според МВР, се повозрасни лица.
„Измамниците ги контактираат жртвите најчесто на фиксен телефон, но има случаи каде што се контактирани и на мобилен телефон со скриен број. За да бидат поуверливи во заднина се слуша глас што бара помош. На тој начин сторителите ги доведуваат во заблуда лицата на кои им се јавуваат“,
велат од МВР.
Оттаму апелираат до граѓаните да не наседнуваат на ваквиот вид измами, а доколку бидат контактирани, веднаш да пријават во полиција.