Трудо ја повика американската администрација да ги преиспита своите тарифи и рече дека Канада останува непоколеблива во одбрана на својата економија, работни места и работници
Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум најави дека нејзината земја ќе одговори на новите царини, а повеќе детали ќе соопшти во текот на денешниот ден

Американските царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико, кои претседателот Доналд Трамп ги најави пред еден месец, а беа одложени за 30 дена, стапија во сила ноќеска.
Дополнително, беше воведена царина од 10 отсто за увоз од Кина поради обвинувањата дека Пекинг не прави доволно за да го запре протокот на фентанил во САД.
По Кина, сега и Канада и Мексико обелоденија дека ќе воведат мерки против САД.
Канадскиот премиер Џастин Трудо вели дека Отава ќе одговори со итни тарифи од 25 отсто на американскиот увоз во вредност од 30 милијарди канадски долари (20,7 милијарди долари). Тој претходно рече дека Канада ќе ги таргетира американското пиво, виното, бурбонот, домашните апарати и сокот од портокал од Флорида.
„Тарифите ќе го нарушат неверојатно успешниот трговски однос“,
рече Трудо и додаде дека тие ќе го прекршат договорот за слободна трговија меѓу САД и Мексико и Канада, потпишан од Трамп за време на неговиот прв мандат.
Тој ја повика американската администрација да ги преиспита своите тарифи и рече дека Канада „останува непоколеблива“ во одбрана на својата економија, работни места и работници.
„Нашите тарифи ќе останат во сила се додека не се укинат американските трговски дејствија, а ако не се укинат американските тарифи, ние сме во активни дискусии со провинциите и териториите за спроведување на неколку нетарифни мерки“,
рече тој.
Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум најави дека нејзината земја ќе одговори на новите царини, а повеќе детали ќе соопшти во текот на денешниот ден.
„Во оваа ситуација, ни треба прибраност, смиреност и трпение. Имаме план А, Б, Ц, па дури и план Д“,
изјави Шеинбаум и додаде дека Мексико веќе подготвило кризен план.
Кина соопшти дека следната недела ќе воведе нови царини за низа земјоделски увозни производи од САД. Нејзиното Министерство за финансии соопшти дека ќе бидат наметнати дополнителни царини од 15 отсто за пилешко, пченица, пченка и памук, со дополнителни 10 отсто царини за соја, свинско и говедско месо, овошје, зеленчук и млечни производи, пишува „Гардијан“.
Министерството за трговија на Кина објави дека воведува царини и за увозот на јаглен, течен природен гас, сурова нафта, земјоделски машини и некои автомобили од Соединетите Американски Држави (САД).
Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп најави дека од 1 февруари воведува царини од 25 отсто за увоз од Канада и Мексико и 10 отсто за стоки од Кина, соопшти Белата куќа.
Трамп се закани дека ќе воведе царини кон овие земји за да ги принуди на поголема соработка во спречувањето на илегалната миграција и шверцот на хемикалии што се користат за производство на фентанил (моќен синтетички опијат).
Тој, исто така, вети дека ќе ги користи тарифите за да го поттикне домашното производство и да ги зголеми приходите на федералната влада.
Потоа Трамп изјави дека се согласил веднаш да ги паузира царините за Мексико и Канада на еден месец.