Досега, вообичаено, на приемите на бугарската амбасада, химните на двете држави се изведуваа само инструментално, без стиховите

Амбасада на Република Бугарија во Скопје вечерва го приреди традиционалниот прием по повод 3 Март – Денот на ослободувањето од турското ропство. Настанот, чиј домаќин беше амбасадорот Жељаско Радуков, се одржа во хотелот „Александар Палас“, а на него присуствуваа министри во Владата, бизнисмени, јавни личности, дипломати и припадници на бугарската заедница во земјава.
Она што овогодишниот прием го прави различен од претходните е начинот на кој беа изведени химните на двете држави. Првпат во историјата на овој настан, „Денес над Македонија се раѓа“, државната химна на Северна Македонија, беше испеана со стиховите од сите три строфи. Досега, вообичаено, на приемите на бугарската амбасада, македонската, како и бугарската химна, се изведуваа само инструментално, без стиховите.
Честа да ги отпее „Денес над Македонија се раѓа“ и државната химна на Бугарија – „Мила родино“, ја имаше македонската интерпретаторка Агни Авшар, која има дипломирано на Музичката акдемија во Скопје во 2019 година. Овој гест не помина незабележано кај присутните, а се коментираше и од дел од странските дипломати на приемот.

Македонската и бугарската историографија имаат различен наратив за револуционерите и настанот кои се спомнуваат во втората строфа од македонската химна – Крушевската република, Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански, што годинава не беше пречка химната да биде исполнета во нејзината оригинална и целосна верзија.
Ова е прв прием на Бугарија во Скопје откако амбасадорот Радуков во септември минатата година ги предаде акредитивите кај претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.