„Со самиот факт дека рејтингот на обвинителството е толку низок, мислам дека се потребни промени. Секои промени се здрави во секое општество затоа што секогаш кога сте повеќе време на функција или кога владее некое едноумие, вие го губите допирот со реалноста. Поддржувам промени во секој еден сегмент кога треба да одиме на подобро“, вели директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски

Директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, беше прашан како ја оценува досегашната соработка со Јавното обвинителство. Ивановски рече дека е прерано да се даде оценка со оглед дека на позицијата е шест месеци.
„Затоа што ние водиме предистражна постапка. Кога ќе дојдеме до основи на сомневање за сторено кривично дело, ние доставуваме пријава до Јавното обвинителство. Врз основа на материјалните докази и врз основа на убедувањето на Јавниот обвинител, тој носи јавнообвинителска одлука и врз основа на таа одлука тој го процесуира случајот. Од овој временски аспект, сè уште е рано, зашто сепак сакам да видам колку од нашите пријави ќе имаат судски епилог и правосилни судски пресуди“,
вели Ивановски.
Нa новинарска забелешка дека за најголем дел од кривичните пријави поднесени од Финансиската полиција, јавното обвинителство отвори истраги, а случајот „Адитив“ стигна до обвинение, Ивановски рече дека јавниот обвинител е „доминус литис“ во предистражната и истражната постапка.
„Интегритетот на јавниот обвинител е неспорен. Не навлегувам на кој начин и како постапуваат. Јас сум должен за секое мое постапување да го информирам јавниот обвинител“,
рече тој.
Директорот на Финансиската полиција беше прашан и за став за владината иницијатива за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
„Самиот факт дека рејтингот на обвинителството е толку низок, мислам дека се потребни промени. Секои промени се здрави во секое општество затоа што секогаш кога сте повеќе време на функција или кога владее некое едноумие, вие го губите допирот со реалноста. Поддржувам промени во секој еден сегмент кога треба да одиме на подобро“,
одговори Слободан Ивановски.
Прерано е да се каже за тоа, беше одговорот на прашањето какво му е искуството од личната комуникација со Љупчо Коцевски.
„Неколку пати имавме координации и состаноци. Сепак, сакам да се држам до тоа да видиме колку од тие случаи ќе имаат епилог“,
кажа директорот на Управата за финансиска полиција.
Прашан дали кај него се пали „црвено светло“ за дилемите во јавноста околу тоа што е тешка дисциплинска повреда како предуслов да се отвори постапка за разрешување на државниот обвинител и особено кој треба да утврди дали тој направил тешка дисциплинска повреда, тој одговори: „Не би навлегувал во тие квалификации, така што оставам на органите што треба да го спроведат тоа да си ја спроведат таа постапка“.