Директорот Слободан Ивановски вели дека постапките на Управата за финансиска полиција мора секогаш да имаат две страни и дека мора да ѝ се даде можност на осомничената страна да се брани врз основа на доказите со кои располага, образложувајќи зошто ексдиректор на „Државна лотарија“ бил повикан да даде исказ

Согласно Законот за кривична постапка, кога водиме постапка за некого, ние сме обврзани да го повикаме да ги соочи неговите аргументи или контрадокази што би ги имал за конкретен случај, вели директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски, на прашањето дали ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перперим Бајрами, бил повикан на разговор во Финансиската полиција и дали тоа било сигнал за него да избега.
Ивановски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека постапките на Управата за финансиска полиција мора секогаш да имаат две страни и дека мора да и се даде можност на осомничената страна да се брани врз основа на доказите со кои располага. Конкретно за Перпарим Бајрами, кој е осомничен за неколку случаи поврзани со институцијата што ја раководеше – „Државна лотарија“, Ивановски потврди дека тој бил повикан на разговор за случајот со набавката на видеолотариските терминали на почетокот на декември 2024 година.
„Според Законот за кривична постапка, сме обврзани и тоа ни е пракса, секогаш кога водите постапка за некого, мора да го повикате да ги соочи неговите аргументи или контрадокази кои би ги имал за конкретен случај. Мислам дека секогаш нашата постапка има две страни, мора да ѝ дадеме можност на другата страна да се брани врз основ на доказите кои ги има“,
вели Ивановски.

За да се избегнат вакви сценарија, кога моќни лица можат да дојдат до информација дека за нив има отворено постапка, Иваносвски вели дека е потребно да се стави фокус на дигитализација, бидејќи во делот на постапувањето на Управата за финансиска полиција утврдиле аномалии во делот на собирање известувања, повикување сведоци и контакт со други институции.
„Не само со повикување на осомничени, туку ние и кога собираме известување од други институции, едно парче хартија го гледаат повеќе вработени во некоја институција. Гледаме дека тие луѓе се моќни и дека имаат секаде луѓе кои можат да му достават информација дека за него се води конкретна постапка и во тој дел отпочнавме дигитализација, односно потпишавме меморандум со Биро за јавни набавки, Центар за депозитар на хартии од вредност, Комисија за заштита од конкуренција, МВР, каде што нашите инспектори ќе имаат директен увид електронски во базите на податоците на институциите од каде ни е потребен документот. На тој начин ќе пробаме да го спречиме овој, да кажам, проток на информации што би стигнал евентуално до целите“,
кажа директорот на Управата за финансиска полиција.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје во средината на декември минатата година поведе истрага против шест лица во врска со набавка на видеолотариски терминали од „Државна лотарија“. За двајца од нив, како што соопшти Обвинителството, постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело проневера во службата, додека за преостанатите четворица е поведена постапка за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување. Осомничениот ексдиректор на „Државна лотарија“, Перперим Бајрами, е недостапен за органите на прогонот во земјава, исто како и поранешниот вицепремиер Артан Груби.