Ослободувањето, рече Лукаревска, може да го добијат компаниите што на работниците им исплаќаат нето-плата која не е повисока 65 380 денари, а такво покачување би можеле да добијат околу 400 илјади работници

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) во Собранието ќе достави предлог законско решение за покачување на платите до 15 илјади денари за 400 илјади работници.
Овој закон, за кој од пратеничката група на СДСМ велат дека ќе го поднесат во текот на оваа недела, ќе им помогне и на работниците и на компаниите.
„Работодавачите во приватниот сектор ќе можат да ги зголемат платите на своите вработени за износ од 3 000 до 15 000 денари, без да мора да плаќаат придонеси за тој зголемен дел“,
рече пратеничката Сања Лукаревска на денешната прес-конференција на која го образложи законот што ќе го поднесат.
Според Лукаревска, во законското решение се предлага придонесите за пензиско, здравствено и социјално осигурување да се замрзнат на просекот од последните три исплатени плати на работникот и тоа да важи во период од една година, што значи, како што рече таа, дека работодавачите нема да имаат дополнителен финансиски товар при зголемување на платите.
Ослободувањето, рече Лукаревска, може да го добијат компаниите што на работниците им исплаќаат нето-плата која не е повисока 65 380 денари, а такво покачување би можеле да добијат околу 400 илјади работници.
„Ако просечното зголемување на платата биде 7 500 денари за 400 000 вработени, тогаш вкупното покачување на платите на национално ниво би било 585 милиони евра. Подетално, 400 000 работници што во просек за 12 месеци би добивале по 7 500 денари тоа би биле 36 милијарди денари или 585 милиони евра што е дополнителен приход за граѓаните годишно“,
рече Лукаревска.
Со ова, според Лукаревска, иако работодавачите нема да плаќаат придонеси за ова зголемување, тие сè уште ќе плаќаат данок на личен доход од 10 отсто, што значи дека во државниот буџет ќе се слеат 58,5 милиони евра дополнителни приходи од данок на личен доход.
Лукаревска упати повик до парламентарното мнозинство и до Владата да го поддржат овој закон за кој вели дека не е политичко прашање туку е прашање на животниот стандард на граѓаните.
„Ако власта го одбие овој закон, тоа значи дека свесно се спротивставува на зголемувањето на платите и на подобрувањето на економската состојба. Очекуваме одговорност, очекуваме поддршка и очекуваме сите пратеници во Собранието да застанат зад интересите на граѓаните“,
додаде Лукаревска.