Првичните изјави се дека на денешната средба на европските лидери, врвот на НАТО и претседателот Зеленски било утврдено дека треба да се работи на зајакнување на украинските позиции, но и на повторно вооружување на Стариот континент
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која беше прва што се појави пред медиумите по состанокот во Ланкастер хаус, изјави дека европските лидери имале добра и искрена дискусија.

„На Украина ѝ се потребни сеопфатни безбедносни гаранции, поддржувајќи ги нејзините економски и воени позиции. ЕУ итно треба повторно да ја вооружи Европа, а Европската комисија ќе предложи план за тоа на состанокот на Европскиот совет на 6 март. Сега од најголема важност е да се зголемат инвестициите во одбраната на подолг временски период. Ова е заради безбедноста на Европската Унија и неопходно е да се подготвиме за најлошото во геостратешкото опкружување во кое живееме“, рече Фон дер Лајен.

На иста линија е и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој кажа дека имале многу добар состанок и дека европските земји се заложиле за зголемување на трошоците за одбрана и за поддршка на Украина.
„Денеска на масата слушнав нови најави, нема јас да ви ги соопштам зашто тоа треба самите земји да го кажат, но ова беше многу добра вест – дека повеќе европски земји ќе ги зголемат трошоците за одбрана“, изјави Руте.
Генералниот секретар потврди дека е јасно оти сè уште нема мировен договор за Украина, но дека мора да има претходни подготовки за европските земји да бидат спремни да помогнат со безбедносните гаранции.

„Сојузниците сакаат да се уверат дека Путин никогаш веќе нема да се обиде да ја нападне Украина. Значи, ќе има Европејци активни во Украина, за да се осигураат дека тој мир е одржлив, дека е траен“, изјави генералниот секретар на НАТО.
Руте се обиде да даде балансирана изјава по несреќните настани во Белата куќа кои дополнително го зголемија јазот во трансатлантското партенрство меѓу Европа и администрацијата на Доналд Трамп.
„Многу пати сум зборувал со претседателот Трамп. Тој е добар пријател. Работиме заедно веќе осум години, прво кога беше претседател, но останавме во контакт и потоа кога не беше во Овалната соба. Затоа, ве молам, ајде да престанеме да озборуваме за тоа што САД би можеле или не можат да направат. Тие се во НАТО, тие се посветени на НАТО, тие се посветени на членот пет од Договорот, тоа е она што тие постојано го велат“, изјави Руте.