Русија се надева дека ќе го искористи растечкиот јаз меѓу САД, Украина и Европа
Кремљ денеска ја поздрави промената во надворешната политика на американската администрација на Доналд Трамп, велејќи дека ставот на САД сега „во голема мера се совпаѓа“ со рускиот во однос на геополитичката ситуација.
„Новата американска администрација брзо ги менува сите конфигурации на надворешната политика. Ова во голема мера се совпаѓа со нашата визија“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во видео објавено на каналот Телеграм.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пак, го пофали Трамп, аплаудирајќи им на САД. Лавров ги обвини Европејците, кои се мобилизираа околу Украина по петочниот неуспех на разговорите во Белата куќа, дека сакаат да ја продолжат војната во Украина.
Реакциите од официјална Москва доаѓаат во клучен момент кога европските лидери се обидуваат да го поправат растечкиот јаз меѓу Киев и Вашингтон, но и самите да земат поголемо учество во процесот на постигнување одржлив мир откако средбата меѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа резултираше со кавга.
Европските лидери и врвот на НАТО се собрани во Лондон, каде што дебатираат за свој предлог за постигнување мир, но и за начин на „крпење“ на релациите со САД кои бележат исклучителен пад откако Трамп влезе во Белата куќа.