Доналд Туск, пред состанокот со европските лидери во Лондон, порача дека е парадокс тоа што 500 милиони Европејци молат 300 милиони Американци да ги одбранат од само 140 милиони Руси
Полскиот премиер смета дека Европа се разбудила и дека разбудена Европа умее да калкулира и го разбира својот глобален потенцијал. Според него, Европа е сила која нема да биде алтернатива за САД, туку најпосакуван сојузник.

„Слушнете само како звучи: 500 милиони Европејци молат 300 милиони Американци да ги одбранат од 140 милиони Руси. Ако умееш да сметаш, сметај на себе. Не изолирано, туку со целосна свест за својот потенцијал. Денес, во Европа, не ни недостасува економска сила, луѓе, туку верување дека сме глобална сила“, рече Туск.
Тој вели дека се знае оти агресор, дури и обичен насилник на игралиштето, не го напаѓа најмалиот и најслабиот, туку оној што се плаши.
„Во Европа има недостиг од идеи дека сме храбри. Европа треба да ја согледа својата сила и јас ќе зборувам за тоа во Лондон“, рече Туск.
Тој говореше и за едноставни бројки – дека Европа и Украина, кои се на иста страна против руската агресија, имаат 2,6 милиони професионални војници, САД 1,3 милиони, Кина два милиони, а Русија 1,1 милион.
Полска е земја со една од најголемите европски армии, која издвојува најмногу од БДП за одбраната и која има најцврст став кон Русија.