Меѓу другото, во „Студентскиот едикт“, кој беше претставен на протестот, се наведува дека „институциите на Србија мора да му служат на народот и да бидат темел на довербата, а не инструмент на индивидуална моќ“
Ноќеска, околу 3 часот по полноќ, заврши 18-часовниот протест во Ниш, на кој десетици илјади луѓе ги блокираа централните улици на градот на југот од Србија во поддршка на „Студентскиот едикт“, како што беше насловен собирот.

Големиот број граѓани се одзваа на повикот од студентите кои веќе три месеци блокираат повеќе од 60 факултети низ Србија, барајќи кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад, кога при пад на натстрешницата на Железничката станица загинаа 15 лица.
Протестот започна вчера утрото во 9 часот со блокада на централните градски улици на најголемиот град во јужна Србија, точно четири месеци по трагедијата во Нови Сад, која се случи на 1 ноември лани.
Времетрањето на протестот симболично беше одредено да биде 18 часа, затоа што 018 е подрачната шифра за градот Ниш, пишува регионалниот сервис на „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).
На собирот беше претставен т.н. „Студентски едикт“ со кој студентите порачаа дека „Србија е земја на слободни луѓе“.
Тие ги читаа одредбите од документот, во кој беа споменати одредби за слобода, држава, правда, млади, достоинство, знаење, солидарност и иднина.
Меѓу другото, во „Студентскиот едикт“ се наведува дека „институциите на Србија мора да му служат на народот и да бидат темел на довербата, а не инструмент на индивидуална моќ“.
Во него се повикува на независност на универзитетите, судството и слобода на медиумите, почитување на човековите слободи и вреднување на знаењето.

На студентите на Универзитетот во Ниш им се придружија и нивните колеги од Белград, Нови Сад, Крагујевац, Јагодина и други градови, кои на протестот дојдоа пеш, а дел со велосипеди или трчајќи.
На протестот се придружија и професори, просветни работници, адвокати, земјоделци, актери и пензионери.
Насобраните носеа српски и знамиња на факултетите, како и бројни транспаренти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „не мисли ништо“ за митингот во Ниш и на учесниците им порача дека „им посакува сè најдобро, да уживаат, но да помине мирно“.
Тој уште еднаш ги окарактеризира протестите во Србија како „обоена револуција“.
Вучиќ и другите владини претставници постојано ги нарекуваа масовните протести поради уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад и смртта на 15 лица обиди за „обоена револуција“ и рушење на државата.
Студентите, кои од крајот на ноември блокираа повеќе од 60 факултети низ државата, бараат кривична и политичка одговорност за трагедијата во Нови Сад, како и гонење на одговорните за нападите врз нив и врз другите граѓани за време на протестите.

Владата на чело со српскиот претседател Александар Вучиќ тврди дека барањата на студентите се исполнети, додека тие, од друга страна, ги отфрлаат ваквите наводи и понатаму продолжуваат да бараат одговорност.
Инаку, пред собирот во Ниш, студентите организираа 15-часовен протест во Крагујевац, 27-часовна блокада на „Мостот на слободата“ во Нови Сад и 24-часовна блокада на сообраќајниот центар во Белград, Автокоманда.