„Додека дискутиравме во Собранието немаше рекации. Им требаше време да се реорганизираат, да размислат, да видат и да дефокусираат. Повторувам, ниедна туѓа навреда кон мене нема да ме вовлече да навредувам и да возвраќам со навреди. Ова се ќе помине и за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме на луѓето онолку колку што можеме“, кажа министерката
Темата во врска со пратеничката Славјанка Петровска за мене е затворена. Продолжувам да се фокусирам на мојата работа, рече денеска на прес-конференција министерката за финасии Гордана Димитриеска – Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање за последниот повик од Социјалдемократскиот сојуз, во кој побараа од неа да даде оставка од функцијата поради упатените лични напади базирани на семејната состојба на пратеничката Славјанка Петровска на вчерашната седница на Собранието.
„Веќе изразив жалење за целиот контекст. Но, и самите сте свесни дека народот има поважни теми од лажната тема што ја создаваат за дефокус. Немав намера никогаш да навредам некого, напротв. И таа самата го знае тоа. Ама, вака и чини сега, да изигрува жртва“, рече таа.

Според неа, реакциите во јавноста излегоа откако „се координираа да прават тема од ова“.
„Додека дискутиравме во Собранието немаше рекации. Им требаше време да се реорганизираат, да размислат, да видат и да дефокусираат. Повторувам, ниедна туѓа навреда кон мене нема да ме вовлече да навредувам и да возвраќам со навреди. Ова се ќе помине и за мене е најважно да останеме луѓе и да помагаме на луѓето онолку колку што можеме“, кажа министерката.
Уште еднаш повтори дека темата е затворена и се фокусира на нејзината работа за која има одговорност да ја работи.
„Со задоволство најавувам рекордно ниво на инвестиции во Македонија. Затоа им сметам, затоа што темелно, чекор по чекор си ја работам работата. Резултатите се јасни и видливи, а во исто време и мерливи. Не исклучувам да продолжат нападите кон мене, но тоа е дел од работата што имам чест да ја водам и да му служам на мојот народ и држава“, вели Димитриеска-Кочоска.
Додаде дека со месеци е предмет на лажни изјави и соопштенија на социјалните мрежи, а досега никогаш не излегла во јавноста и да се пожали за нешто.
„Ги повикувам да си ги искористат своите права, па да видиме кој бил, а кој не бил во право и кој се трудел да дефокусира или да користи злоупотреби и лажна терминологија“, рече таа.
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска побараа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка од функцијата, поради упатените лични напади базирани на семејната состојба на пратеничката Славјанка Петровска на вчерашната седница на Собранието.
Пратеничката Јованка Тренчевска најави дека СДСМ ќе побара итна седница на Комисијата за дискриминација на која ќе се расправа за однесувањето на Димитриеска-Кочоска и за поширокиот проблем на дискриминација во институции врз основа на полова припадност.
На вчерашната седница во Собранието, пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Славјанка Петровска, поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината млеко што треба да ја консумира едно семејство.
Одговарајќи, Димитриеска-Кочоскаја ја праша Петровска „врз основа на што ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечелно семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“.
Неколку часа по настапот во Парламентот и по бројните реакции од членови на СДСМ, други политички партии и од граѓани, со објава на Фејсбук се огласи министерката за финансии, која рече дека никогаш немала намера да ја навреди пратеничката Славјанка Петровска, но оти почитта мора да се заслужи. Според неа, дел од јавноста е манипулиран. Таа жали што нејзините зборови биле погрешно разбрани.