Пратеничката Јованка Тренчевска најави дека СДСМ ќе побара итна седница на Комисијата за дискриминација на која ќе се расправа за однесувањето на министерката и за поширокиот проблем на дискриминација во институции врз основа на полова припадност
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска да си поднесе оставка од функцијата, побара денеска пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Јованка Тренчевска, поради упатените лични напади базирани на семејната состојба на пратеничката Славјанка Петровска на вчерашната седница на Собранието.
Пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска / Фото: Принтскрин
„Тука сме гласно и јасно да побараме. Гордана Димитриеска-Кочоска мора да си поднесе оставка. Министерката која понижува граѓанка на оваа држава, која навредува пратеничка, која шири дискриминација, не заслужува да води Министерство, не заслужува да седи во Влада која тврди дека работи за граѓаните“, кажа Тренчевска.
Додаде дека оставка ќе бараат секој ден, сè додека таа не си замине од функцијата.
На прес-конференција пред Министерството за финансии, пратеничката Тренчевска рече дека упатените навреди од министерката не се навреда само за пратеничката Петровска, туку за секоја жена и човек што некогаш бил диксриминиран, омаловажен и повреден.
„Кога министерка во оваа држава ќе се осуди да каже дека една жена не може да зборува за семејството само затоа што нема деца, тоа не е само навреда, туку удар врз достоинството на сите нас. Тоа е ароганција, дискриминација и нечовечност“, рече Тренчевска.
Според неа, наместо извинување и признание за грешката, Димитриеска-Кочоска и ВМРО-ДПМНЕ продолжиле со нападите врз пратеничката Петровска.
„Наместо да покажат барем трошка почит и човечки да се извинат, тие одлучија да ја нападнат Славјанка уште повеќе, ја обвинија и дека глуми жртва“, вели таа.
Упати забелешка и за однесувањето на потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која до скоро била и претседателка на Комисијата за заштита од дискриминација, која не реагирала за време на собраниската седница.
Најави дека СДСМ ќе побара итна седница на Комисијата за дискриминација на која ќе се расправа за однесувањето на Димитриеска-Кочоска и за поширокиот проблем на дискриминација во институции врз основа на полова припадност.
„Ќе иницираме и законски измени или кодекс што ќе ги санкционира дискриминаторските навреди и говорот на омраза во институциите, особено од високи функционери“, рече таа.
На вчерашната седница во Собранието, пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Славјанка Петровска, поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината млеко што треба да ја консумира едно семејство.
Димитриеска-Кочоска, место да одговори, ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба. Таа налутено ѝ порача на Петровска дека не може да ѝ каже оти е почитувана бидејќи, како што рече, тоа треба прво да се заслужи.
Неколку часа по настапот во Парламентот и по бројните реакции од членови на СДСМ, други политички партии и од граѓани, со објава на Фејсбук се огласи министерката за финансии, која рече дека никогаш немала намера да ја навреди пратеничката Славјанка Петровска, но оти почитта мора да се заслужи. Според неа, дел од јавноста е манипулиран. Таа жали што нејзините зборови биле погрешно разбрани.