Следната недела, раководството на Кина ќе се состане за да ги претстави плановите како кинеската економија да се заштити од заканите на Трамп
По најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе воведе дополнителни цариници од 10 за увезените кинески производи, официјален Пекинг излезе со цврст став дека во таков случај ќе ги преземе сите неопходни контрамерки, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Како што е најавено, одлуката на Трамп треба да стапи во сила во вторник, заедно со царините од 25 проценти на увозот од Канада и Мексико.
Царината од 10 отсто за кинескиот увоз е дополнителна давачка на веќе постојниот данок од 25 проценти, одлука што Трамп ја донесе претходно овој месец.
Трамп претходно месецов објави, а потоа ја суспендира одлуката за воведување царина од 25 отсто на увезени производи од Канада и Мекиско. Сепак, едномесечната суспензија завршува во вторник, а воведувањето на царините, како што наведе тој, се должи на илегалната имиграција и шверцот на фентанил.
Откако беше прашан од новинарите дали најавените тарифи ќе стапат во сила следната недела, Трамп вчера на социјалните мрежи напиша дека предложените царини ќе стапат во сила на планираниот датум доколку проблемот со фентанил не биде запрен „или контролиран“.
„Исто така, на тој датум на Кина ќе ѝ биде воведена дополнителна царина од 10 отсто“, рече тој, мислејќи на 4 март.
Како одговор на обвинувањата на Трамп дека Пекинг придонесува за кризата со фентанил во САД, портпаролот на кинеското Министерство за трговија денеска го обвини Вашингтон дека ја префрла вината во врска со ова прашање.
„Кина е една од земјите со најстроги политики против дрогата во светот. Но, американската страна секогаш ги игнорирала овие факти… Доколку американската страна инсистира да продолжи на овој начин, кинеската страна ќе ги преземе сите неопходни контрамерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси“, соопшти Министерството.
Во соопштението, исто така, се вели дека зголемувањето на царините не помага во решавањето на (американскиот) проблем и дека додава дека дополнителните царините ќе го зголемат товарот на американските компании и потрошувачи и ќе ја поткопаат стабилноста на глобалниот индустриски синџир.
Следната недела, раководството на Кина ќе се состане за да ги претстави плановите како кинеската економија да се заштити од заканите на Трамп.
Во меѓувреме, мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјави оти се надева дека ќе разговара со Трамп за да се избегне воведувањето на царините.
И канадскиот премиер Џастин Трудо, исто така, изјави дека надлежните служби во земјата неуморно работат во изнаоѓање начин за избегнување на царините, но најави дека Канада ќе одговори веднаш доколку мерките стапат на сила следната недела.
Трудо постојано нагласува дека помалку од еден процент од фентанил и илегални имигранти кои влегуваат во САД тоа го правата преминувајќи ја канадската граница.