Неколку часа по настапот во Парламентот таа објави дека обвинувањата против неа за личен напад се лажни и дека се дел од, како што вели, „хистеријата на СДС“

Никогаш немав намера да ја навредам пратеничката Славјанка Петровска, но почитта мора да се заслужи, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на нејзиниот фејсбук-профил.
Објавата на Димитриеска-Кочоска доаѓа како одговор на бројните реакции од членови на СДСМ, други политички партии и од граѓани, кои нејзиниот денешен настап во Собранието го оценија како личен напад врз Петровска поради нејзината семејна состојба и ја праша „врз основа на што ги става во уста мајките што имаат деца и како знае колку треба д атроши едно повеќечлено семејство“. Министерката додаде дека била мајка на два сина и затоа подобро знаела колклу троши четричлено семејство.
Неколку часа по настапот во Парламентот таа објави дека обвинувањата против неа за личен напад се лажни и дека се дел од, како што вели, „хистеријата на СДС“.
„Ноторен факт е дека Петровска изгради кариера од глумење жртва. Редицата причини за сожалување е долга. Секој нејзин настап е запаметен по тоа што по секој дуел се претставуваше како жртва за нешто. Но од друга страна денешната изведба на преставата жртва беше од истата говорница од која безочно напаѓаше и говореше за таткото на еден министер колега, или пак за синот на премиерот, иако и двајцата не се поврзани во никаков политички контекст. Таа госпоѓа немаше ниту мака иронично да се однесува, навредува, дофрла од место, а во моментот кога ќе се одговори нешто, тогаш таа прераснува во жртва“, пишува министерката.
Таа додава дека порано лични ја бранела Славјанка Петровска кога други ја напаѓале како жена. Затоа, како што напиша, никогаш немала намера лично да ја навреди или да ја сведе дебатата на личен контекст.
Според неа, дел од јавноста е манипулиран. Таа жали што нејзините зборови биле погрешно разбрани.
„Она што сакав да потенцирам беше дека почитта треба да се заслужи со дела и одговорност. Госпоѓата Петровска, освен што стана позната по низа политички гафови и неумесни постапки, беше и доследен поддржувач на политиките на СДСМ и ДУИ – политики кои ја доведоа државата до оваа состојба“, додава Димитриеска-Кочоска.
Како што напиша таа, додека Петровска била министерка не дала ниту еден предлог за намалување на инфлацијата, тоа не и пречело, а денес се зборува за состојба, што според неа, е директна последица на политиките од претходната Влада.
„Државата беше доведена до работ на банкрот, стотици илјади граѓани се иселија во потрага по подобар живот, а над 600 илјади луѓе живееја во сиромаштија. Сето ова не сакаат да се слушне гласно, затоа Славјанка глуми жртва“, вели во објавата Димитриеска-Кочоска.
Пратеничката од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) Славјанка Петровска поставувајќи прашања се осврна на неодамнешните изјави на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за цените на храната, како грашокот од конзерва и количината на млеко што треба да ја консумира едно семејство.
Димитриеска-Кочоска место да одговори ја нападна Петровска на лична основа за нејзината семејна состојба. Димитриеска-Кочоска налутено и порача на Петровска дека не може да и каже оти е почитувана бидејќи, како што рече, тоа треба прво да се заслужи.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче ја оцени како дрска, понижувачка и со лични дискредитации изјавата на министерката.
Осуда за денешната срамна, навредувачка и дискриминаторска изјава на министерката за финансии, Кочовска, кон пратеничката Славјанка Петровска стигна и од СДСМ и Форумот на жени.