Дополнително, со обвинението е доставен и предлог за продолжување на мерката притвор за деветмина обвинети и на мерката куќен притвор што му е одредена на еден обвинет
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани, по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а беше проширена на 3 февруари со уште осум лица. Меѓу опфатените во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница
По речиси тримесечна истрага Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт за случајот „Адитив“ кој се однесува на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,5 милиони евра.
Зградата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) / Фото: Архива
Со обвинителниот акт, како што соопшти попладнево ОЈО ГОКК, се опфатени вкупно 31 лице, кои се товарат за повеќе кривични дела.
Така, според Обвинителството, првообвинетиот во случајот се гони за несовесно работење во службата, додека шестемина се обвинети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
На четворица од нив на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дополнително, на четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Што се однесува до одговорните компании, тие, како што информираат од Обвинителството, се товарат за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и за продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
„Во период од месец април 2023 до месец август минатата година, дел од обвинетите во својство на службени лица создале група чија цел била вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело. Во меѓувреме, со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, дел од останатите обвинети станале припадници на оваа група. Тие, договарајќи се со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка, свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.
Според Обвинителството, сега веќе обвинетите управители и сопственици на правни лица, откако организирале и извршиле пререгистрација на дејноста на нивните фирми, како учесници во тендери, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ, односно за подружниците РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.
„На начин опишан во диспозитивот на обвинителниот акт, овозможиле кривично одговорно правно лице да го добие договорот за јавна набавка на адитиви против формирање на згура/троска при согорување на јаглен во котел, адитив RPT 601, за потребите на РЕК ‘Битола’ и на РЕК ‘Осломеј’ и притоа да се стекне со имотна корист од големи размери во вкупен износ од 397 636 400 денари“, велат од Обвинителството.
Со намера да го прикријат движењето на парите, за кои, според Обвинителството, знаеле дека се прибавени на незаконски начин, дело од обвинетите, како дел од злосторничкото здружение, како и дел од останатите обвинети примале пари кои ги пуштале во оптек, односно извршувале пренос на парите и подигнувале готовина во вкупен износ од 414 776 400 денари или околу 6,8 милиони евра.
„Со обвинителниот акт обвинителството му предложи на судот одземање на движни предмети (телефони, електронски и мемориски уреди) што биле употребени при извршување на кривичните дела, додека со посебен предлог се бара конфискација на парични средства и недвижен имот во сопственост на обвинетите и на трети лица“, информираат од ОЈО ГОКК.
Дополнително, со обвинението, доставен е и предлог за продолжување на мерката притвор за деветмина обвинети и мерката куќен притвор што му е одредена на еден обвинет.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Меѓу обвинетите во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница.
Инаку, кога Обвинителството ја отвори истрагата на листата на осомничени, тогаш беа вкупно 23 лица, но таа беше проширена со уште осум лица од Битола, Кичево и Велес, кои беа уапсени на 3 февруари годинава.
„Како резултат на обезбедениот доказен материјал, донесена е уште една наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека три лица опфатени со претходната истрага сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. За истото дело се осомничени и уште пет други лица од кои на првоосомничената се товари и за кривично дело злосторничко здружување. На три лица опфатени со истражната постапка им се става на товар дека ја злоупотребиле службената положба и овластување. Воедно, во предметот покрај досегашните четири кривично одговорни правни лица опфатено е уште едно правно лице чиј сопственик и управител е првоосомничената“, информираа од Јавното обвинителство на РСМ на 3 февруари.