Досега во државата се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Од ресорното министерство велат дека од пациентите што во моментов се на Инфективната клиника тројца се во критична состојба и се интубирани

Од Министерството за здравство соопштија дека неделава регистрирале седум нови случаи на западнонилска треска, сите во Скопје.
Станува збор за пациенти на возраст од 60 до 84 години и сите се хоспитализирани.
„Сите случаи се од Скопје: по два од општините Кисела Вода и Гази Баба и по еден од Илинден, Бутел и Аеродром“,
соопштија од Здравство.
Досега во државата се регистрирани вкупно 20 случаи на инфекција со вирусот Западен Нил. Од ресорното министерство велат дека од пациентите што во моментов се на Инфективната клиника тројца се во критична состојба и се интубирани.
„На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во моментот се хоспитализирани вкупно 16 пациенти. Кај 15 од нив инфекцијата е лабораториски потврдена, додека за еден суспектен случај се очекуваат резултатите. Тројца пациенти се во критична состојба и се интубирани. Станува збор за повозрасни лица со придружни заболувања. Преостанатите пациенти се во стабилна состојба и добиваат соодветен третман“,
велат од ресорното министерство.
Од Здравство велат дека најефикасната превенција од западнонилска треска е заштитата од убоди од комарци.
„Се препорачува да се избегнува престој на отворено во зори и во самрак, кога комарците се најактивни, како и да се користат репеленти и заштитни мрежи на вратите и прозорците. Граѓаните треба редовно да ги отстрануваат застоените води од дворовите и терасите бидејќи тие претставуваат погодни места за размножување на комарците“,
се вели во соопштението на Министерството за здравство.
