ВМРО – ДПМНЕ во Обвинителството поднесе кривична пријава против Драги Рашковски. Опозицијата бара определување мерка притвор за генералниот сектерар на Владата зашто, како што тврди, тоа е единствениот начин за непречено одвивање на истрагата и спречување на можно влијание врз сведоци, вештаци и сите вмешани во случајот М-НАВ.
„Јавното обвинителство на Зоран Заев трет ден молчи во врска сосомнежите и доказите излезени во јавноста, за 7 милионски криминал сторен од Драги Рашковски при набавка на систем за летање. Имајќи во предвид дека се работи за државен функционер од висок ранг, кој има сериозни контакти во земјата и странство можно е и бегство на истиот. Мерката притвор е потребн бидејќи тој може да го продолжи кривичното дело и да стори ново дело“
изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.
За аудио „бомбата“ за тендерот во М-НАВ се разговарало и на затворена владина седница. Тоа денеска го обелодени министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Донесени се соодветни заклучоци по кои треба да се постапува и во рамки на тоа сите овие прашања да се расчистат и благовремено да се информира“
рече Спасовски, додавајќи дека имало одредени пропусти во институцијата.

По објавувањето на „бомбата“ на руски веб сајт, во кој наводно Рашковски местел тендер за радарски систем во М – НАВ, тој прв пат јавно утре пред медиумите ќе одговара на опозициските обвинувања и новинарските прашања. Досега, тој и се обрати на јавноста преку неговиот фејсбук профил, споделувајќи ја „неговата страна“ на приказната дека тендерот е од 2016 година, а не од 2018 и дека не станува збор за избор на најповолен понудувач, туку за динамика на испорака за завршена постапка.