В сабота забраната останува како и досега, од 19 часот до 5 часот следниот ден
Техничкиот премиер Оливер Спасовски на неговиот Фејсбук профил ја објави одлуката на Владата донесена на денешната седница дека за овој викенд се забранува движењето на сите граѓани на целата територија на државата почнувајќи од недела, во 11:00 часот до вторник, до 05:00 часот.
„Следејќи ја моменталната епидемиолошка состојба со Ковид-19, како и препораките на Комисијата за заразни болести, на денешната владина седница донесовме одлука за зголемена рестрикција на движењето на граѓаните за време на претстојниот празничен викенд“,
објави Спасовски.
В сабота, на 23 мај, забраната за движење останува иста како и за сите други денови, од 19:00 часот до 05:00 часот наутро.
За време на претстојниот викенд останува непроменети времето за прошетки на миленичињата.
Во периодот кога важи забраната за движење, граѓаните своите миленичиња ќе можат да ги изнесуваат наутро од 08:00 до 08:30 часот, потоа попладне од 15:00 до 15:30 часот, како и навечер од 20:00 до 20:30 часот, до 100 метри оддалеченост од живеалиштето и со примена на останатите мерки за лична заштита.
