Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се сретна со американскиот претставник за војната во Украина, Кит Келог, кој е во тридневна посета на Киев, но нивната заедничка прес-конференција е откажана на барање на американската страна, соопшти кабинетот на Зеленски
Белата куќа продолжува да врши притисок врз Киев во контекст на новиот развој на настаните за прекин на војната во Украина, повикувајќи ја земјата да ги ублажи критиките и во најскоро време да го потпише договорот за ретки минерали на кој инсистираат САД.

Ваквата порака до Украина дојде од советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, а за надоврзувана острата реторика што вчера меѓусебе си ја разменија американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот украински колега Володимир Зеленски.
„Украина треба да го намали тонот и внимантелно да го проучи и потпише овој договор“,
рекол Волц во интервју за Фокс њуз, пренесе Ројтерс.
Отпорот на Украина кон договорот за ретки минерали и за начинот на кој Доналд Трамп ги води мировните преговори, според советникот за национална безбедност, е едноставно неприфатлив по се што направија САД за Украина, додал тој.
Инаку, Трамп побара од Украина да им се оддолжат на САД за дадената помош во војната со Русија, преку договор за експлоатација на украинскит ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари.
На ова украинскиот претседател, Володимир Зеленски одговори дека САД ѝ дале на Украина 67 милијарди долари помош во оружје и 31,5 милијарди долари буџетска поддршка, а не 500 милијарди долари, наведувајќи дека не може да ја продаде својата земја.
Дополнително Украина и европските лидери се лути што се изоставени од мировните преговори, чии контури во вторникот беа исцртани на средба меѓу високи претставници на САД и Русија во Ријад, а кои уследија по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп и неговиот руски колега, Владимир Путин, минатата недела.
Валц во интервјуто за Фокс њуз, пак, негирал дека сојузниците на САД и Украина не биле консултирани за преговорите.
„Во дипломатијата постои термин за тоа. Тоа се нарекува ‘шатл дипломатија’ бидејќи носењето на сите на маса во исто време едноставно не функционираше во минатото…Значи воспоставивме контакт со едната страна, па со другата, а потоа ќе имаме процес што ќе се движи напред под водство на претседателот Трамп“,
вели советникот за национална безбедност на Белата куќа.
Инаку, Мајк Волц беше дел од американската делегација, заедно со државниот секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник Стив Виткоф на средбата со руската страна во Ријад, во вторникот.
Инаку, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се сретна со американскиот претставник за војната во Украина, Кит Келог, кој е во тридневна посета на Киев, но нивната заедничка прес-конференција е откажана на барање на американската страна, соопшти кабинетот на Зеленски.

Претходно, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха разговараше со Келог за начините за постигнување праведен и траен мир во конфликтот со Русија.
Посетата на Келог на Киев доаѓа во дипломатски тежок момент за Украина, откако американскиот претседател Доналд Трамп стави крај на политичката изолација на рускиот лидер Владимир Путин со вклучување на Москва во билатерални разговори за постигнување мир во Украина.
„Ја потврдив подготвеноста на Украина да постигне мир и нашата визија за неопходните чекори“,
напиша Сибиха на платформата Икс по средбата.
Тој на средбата му рекол на Келог дека украинската и трансатлантската безбедниост се неделиви.
Американскиот пратеник за време на посетата на Киев веќе имаше средби со врховниот командат на украинската армија, како и со шефовите на разузнавачките и специјалните служби на земјата.
Трамп завчера во изјава за медиумите ја обвини Украина дека е виновна за војната што ја започна Русија во 2022 година, дека таа можело да спречи со постигнување договор меѓу двете страни, како и и дека до неа воопшто немало да дојде, ако во тоа време тој бил претседател на САД.
Дополнително, Трамп го нарече својот украински колега диктатор, бидејќи му е истечен претседателскиот мандат.
Зеленски на обвинувањата одговори велејќи дека Трамп е заробен во „балон на дезинформации“ што доаѓа од Русија.