Како што рече Митева, во мислењето од министерството било нотирано дека институцијата со која раководи јавниот обвинител има нарушен углед, а „чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1“

Министерството за правда денеска добило задолжение до Владата да достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, кој потоа ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители, од каде што е потребно да се добие мислење.
Ова задолжение за Правда произлегло по денешната владина седница на која се разгледувало мислењето од Министерството за кое пред една недела доби задолжение да го изготви.
Во мислењето доставено од Правда, како што рече на денешната прес-конференција владината портпаролка Марија Митева, биле забележани неколку состојби за кои вели дека се спротивни на обврските кои произлегуваат од законските надлежности.
Како што рече Митева, во мислењето од министерството било нотирано дека институцијата со која раководи јавниот обвинител има нарушен углед , а „чувањето на угледот на институцијата е должност која потекнува од Законот за јавно обвинителство, конкретно член 4 став 1“.
„Целокупната јавност во изминатиов период беше сведок на низа скандали, нарушена функционалност на Јавното обвинителство, незаконски постапувања и корупција, неефикасност и повреда на принципите и самостојноста во вршењето на функциите на обвинителите“,
додаде Митева.
Овие состојби, според Митева, биле констатирани од стручната јавност, како и во извештаи кои имаат конкретни, мерливи и објективни показатели.
„Владата цени дека придонесот од јавниот обвинител за овие состојби е значителен и е резултат на низа пропусти и повреди во неговото постапување и извршување на функцијата. Овие дејствија со кои се предизвикани тешки последици по функционирањето на јавното обвинителство, со што е направено намерно и неоправдана крупна професионална грешка се правните аргументи со коишто ќе побараме разрешување на јавниот обвинител пред истекот на мандатот“,
рече Митева пренесувајќи ја одлуката на Владата.
Од Владата додаваат дека јавниот обвинител покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот којшто го избрал, а пред сѐ пред граѓаните чии интереси треба да ги штити.
Владата на седница, минатата недела, го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, чие разрешување се бара од страна на извршната власт, смета дека од она што досега го слушнал во јавноста нема никаква тешка дисциплинска повреда врз основа на која може да биде разрешен.
Сепак, вели дека ќе се произнесе по предлогот за негово разрешување откако Владата ќе го достави до Советот на јавните обвинители кој, пак, има рок од 15 дена да одговори со мислење.
Тој денеска во изјава за медиумите рече дека доколку се утврди дека се исполнети условите за негово разрешување согласно Законот за јавни обвинители, во тој случај и самиот ќе се повлече.
Министерот за правда Игор Филков пред три дена во интервју рече дека ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, тоа не значи дека постапката е завршена. Филков вели дека секое мислење од Советот на јавни обвинители е важно за оваа постапка, но потенцира дека Министерството за правда и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган ако, како што вели, се поддржуваат лица кои не го водат својот мандат на професионален начин.
За постапката околу предлогот за разрешување на Коцевски, денеска за појаснувања беше прашана претседателката на Советот на јавните обвинители, Душица Димитриеска.
Додека не дојде предлогот од Владата, не множам да се произнесам, беше нејзиниот одговор на прашањето дали смета дека Коцевски сторил тешка дисциплинска повреда, според она што досега е објавено во јавноста.
Идентичен беше и нејзиниот одговор на прашањето дали Советот на јавните обвинители е тој што ќе одлучува дали Коцевски сторил тешка дисциплинска повреда.
Инаку, според Законот за јавно обвинителство, државниот јавен обвинител може да биде разрешен по две основи – ако е член на политичка партија и ако сторил тешка дисциплинска повреда.
Законот не е до крај јасен дали Владата може да предложи разрешување на јавниот обвинител до Собранието и во случај Советот на јавни обвинители да даде негативно мислење по владина иницијатива за разрешување. При избор на државен јавен обвинител, Владата може да избере кого ќе предложи до Собранието само од оние кандидати пријавени на конкурсот за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење.
Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде пред точно една година, односно на 13 февруари 2024 година.